Димитров се брани од интерпелација - Меѓународниот рејтинг на Македонија е подобрен
Министерот за надворешни работи Никола Димитров пред пратениците ја даде својата одбрана откако опозицијата поднесе интерпелација со која ќе бара негово разрешување. Тој посочи дека ги поправа влошените односи кои биле дело на претходното владино раководство и напорно работел да ги заштити националните интереси на Република Македонија со стотина меѓународни средби.
- Ме доведувате во ситуација да се бранам поради успесите на Македонија во надворешната политика, поради тоа што ги поправам односите кои вие ги расипавте, јас сакам вие да сте задоволни, но доколку цената за тоа е неуспешна Македонија која нема пријатели и перспектива тогаш е подобро да не сте задоволни, рече Димитров.
Министерот за надворешни посочи дека е изненаден што интерпелацијата е поднесена пред стоте дена на владеење но, возбудата кај подносителите е разбирлива бидејќи е видлив напредокот на Македонија на меѓународна сцена каде добива се подобри оценки.За разрешување на министер во Собранието се потребни 61 глас кои ВМРО-ДПМНЕ ги нема и потребно е некој и од владејачкото мнозинство да ја поддржи иницијативата за интерпелација на Димитров или пак другите министри кои допрва ќе се бранат пред пратениците.
