Димитров повика на одговорност за смртта на овчарот од кратовско
Никола Димитров, заменик - претседател на Владата задолжен за европски прашања повика на одговорност за смртта на Златко Божинов, овчарот од кратовско кој почина во штипската болница откако не му помогнаа надлежните од институциите на системот.
Вели дека ова не смее да помине без конкретна одговорност, ама не смее да помине и без сериозни системски промени за никогаш да не се повтори ваква трагедија.
„Смртта на Златко Божинов, овчарот од кратовско не смее да помине без конкретна одговорност, ама не смее да помине и без сериозни системски промени за никогаш да не се повтори ваква трагедија. Го објавувам името оти мислам дека овој човек и неговото име треба да одекне како силен вресок за промени. Во изминатите денови добив многу пораки од познати и непознати граѓани, некои изненадени што носител на должност зборува (признава) за нефункционалност на институции, некои со поддршка и поттик за да се истуркаат промени, некои со скептицизам дека ништо нема да се стори. Денеска веќе гледам дека мотото "да нема ненадлежни" го преземаат и други. Тоа е добро. Да туркаме заедно. Вчера и денеска имав телефонски разговори и средби и со познавачи на состојбите на терен и со повиканите институции и она што го разбрав е дека недостасува интегриран систем за одговор на барања за помош во итни ситуации. Тој празен простор е совршено алиби за префрлање на топката меѓу институциите и за непреземање, ниту на акции, ниту на одговорност“, пишува Димитров на Фејсбук.

Повика на одговорност, и итни промени со цел да се спречи ваква катастрофа.
