ДИМИТРОВ ПО СРЕДБАТА СО ДАЧИЌ: Се радувам што тие информации доколку се точни не ја инволвираат македонската Влада
Mинистерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска по средбата со српскиот колега Ивица Дачиќ изјави дека разговарале за причините за овие релативно турбилентни неколку дена во билатералните односи меѓу двете земји.
Министрите излегоа задоволни од средбата и рекоа дека имале отворен и конструктивен состанок.
„Мислам дека областа на разузнавање е деликатна и колку повеќе шпекулираме во јавност толку поголема беља создаваме“ - изјави Димитров.
Не кажаа повеќе детали за причините зошто српската Влада ги повлече своите дипломатски претставници, но Димитров рече дека Македонија не е инволвирана во овој разузнавачи скандал.
„Допрва треба да се види и да се работи на разјаснување на тие информации. Се радувам што тие информации доколку се точни, се радувам што не ја инволвираат македонската Влада. Оваа епизода покажува колку е важно да сме блиски, да имаме дијалог, чест и отворен. Свесен сум дека е јавноста збунета и жедна за информации, но поради природата на тоа прашање во оваа фаза навлегување во повеќе детали може да не однесе само онаму каде не сакаат да одат двете држави“– вели Димитров.
Дачиќ на кратко само изрази задоволство од отвореноста на разговорот.
„Заклучивме дека пријателите мора едни на други да си помагаат и да се поддржуваат“ –рече Дачиќ.
Дачиќ во контекст на подобрувањето на добрососедските односи рече дека многу билатерални теми не биле покренати на средбата, поради што најави продлабочување на комуникацијата и соработката меѓу двете традиционално пријателски земји.
Во меѓувреме, амбасадата на Србија денеска почна нормално да функционира, откако персоналот вчера се врати во Скопје. Амбасадорката Душанка Дивјак-Томиќ ќе се врати во земјава на 31 август.
