Економија, финансии, бизнис

Контакт

Димитров: Опозицијата не може да направи подобар договор со Грција, може само да го доискомплицира

Димитров: Опозицијата не може да направи подобар договор со Грција, може само да го доискомплицира

Никола Димитров, министерот за надворешни работи на Македонија во интервју за МКД.мк, вели дека опозицијата не може да постигне подобра договор со Грција од оној од Преспа и може само да го доискомплицира, алудирајќи на тврдењата на функционерот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, за Радио Слободна Европа.

„Не можете да бидете за членството во ЕУ и НАТО, а истовремено да бидете против договорот што ја отстранува пречката, ја отклучува вратата, го кине јажето на каменот што нѐ влече надолу со децении. Можете, ама треба да понудите друг пат кон целта. Пат што ќе биде кредибилен. 

Како да веруваме на тврдењето на опозицијата дека ќе направела подобар договор? Тоа го тврди и грчката опозиција. Двете тврдења заедно водат кон немање договор, кон враќање во чекалната. Па зошто тоа не го направија досега? Затоа што наместо со разговори, наместо со обид за решавање, низ антиквизацијата, беа зафатени со дополнително компликување на прашањето.

Наместо пријатели, им требаа непријатели, за да тажиме и да му се лутиме на светот колку е неправеден. Конечно, да не заборавиме дека пропуштивме многу европски возови и дека патот кон нашата стратешка цел е сѐ потесен и потежок. Наша должност е да направиме сѐ што можеме за да се качиме на овој воз, бидејќи никој не знае кога и дали ќе има друг. 

Одговорноста одлучно да се зачекори по патот преку прифаќање на договорот е голема, но одговорноста да се биде против, без притоа да се нуди друг реален пат, е уште поголема“ вели Димитров.

Шефот на македонската дипломатија уште еднаш потврди дека власта нема намера да овозможи амнестија за функционери од претходната влада преку законски измени.

- Каква е таа партија што е спремна државата и народот да ги држи во заложништво, за да избега од правдата? Дали тоа воопшто е политичка партија или се работи за друг тип организација? Бегањето од одговорност за (не)делата во минатото и за иднината на татковината, бегањето од волјата на народот, односно референдумот, не може да биде патриотизам, бидејќи патриотизмот значи храброст, одговорност и одлуки во името на повисоки цели и идеали - додава Димитров.



Слично

Поврзани вести