Димитров од Берлин: Oва е еден убав сигнал и многу охрабрувачки ден за Македонија
Mакедонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров како исклучително охрабрувачки ги оцени пораките од Берлин по денешната средба со германскиот колега, Зигмар Габриел.
Димитров вели дека добиле исклучителна поддршка за правецот по кој што тргнале, за домашната агенда „3-6-9“ и за проактивната надворешна политика фокусирана на инвестирање на политички капитал во добри односи со соседите.
„Самиот факт што на само неколку недели пред големи и важни парламентарни избори најдоа време за нас е еден убав сигнал и од министерот Зигмар Габриел и од главните луѓе во кабинетот на канцеларката Ангела Меркел и тоа е еден многу охрабрувачки ден за Македонија“ – изјави Димитров.
Димитров рече дека е разговарано за Берлинскиот процес и за важноста Балканот да не заостане премногу економски зад Европската Унија.
Вели дека има расположение да се инвестира и во економски проекти.
Габриел кажал дека Германија ја поддржува евроатлантската перспектива на Македонија – како и на другите земји од Западен Балкан.
„Заедно со нашите партнери во Европската Унија работиме на интензивирање на нашата поддршка. Во исто време, сепак, нема да има отстапки за време на процесот на пристапување. Реформите треба да се спроведат“- изјавил Габриел.
Министерот Димитров со Габриел ја реафирмирал силната политичка волја и активностите на новата македонска Влада насочени кон враќање на европскиот курс на земјата.
