Димитров: Ние изградивме пруга со Бугарија за напред, ама тие решија да ги фрлат шините
Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров вечерва во Само вистина на Канал 5 изјави дека зборуваме за европска иднина, но во реалноста сме далеку од тие принципи.
„Не е тоа магично стапче, нема Европјаните и Американците да дојдат да ни го исчистат дворот, ние треба да го исчистиме дворот“, рече Димитров.
За Договорот од Преспа кажа дека бил тежок компромис, но тоа смирува, а со Бугарија имаме сериозни проблеми.
„Различните гледања да ги оставиме на науката и на експертите, а во политиката да гледаме што ни е заеднички интерес. Тие тој процес со срушија. Ние изградивме пруга со Бугарија за напред, ама тие решија да ги фрлат шините“, кажа Димитров.
За Бугарија, рече дека и без Договорот за пријателство може да ја блокира Македонија. Вели дека сега имаме отворен проблем со Бугарија. Димитров изјави дека со вакви пријатели, не ни требаат непријатели. Не се сложува дека маргиналци во Бугарија го негираат македонскиот јазик, туку тоа го прави бугарската држава.
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски кажа дека Преспанскиот договор бил влог во иднината, но потоа планот за Европска Македонија се трансформирал во Сопствена Македонија. Вели дека многу луѓе во целост не биле упатени со целата содржина на Договорот. Рече дека потоа дошло до големо разочарување. Искрено се надевал дека бугарската страна ќе ја поддржи Македонија, но не испадна така. Димитриевски смета дека и бугарското прашање ќе било подобро ако се решеше во Преспа, но за тоа треба лидерство.
