Димитров: Нема да има пробив во европските интеграции на Македонија оваа недела
Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров во гостувањето во Сител изјави дека нема да има пробив во европските интеграции на Македонија оваа недела.
Но, вели дека Македонија нема да се откаже од европеизацијата.
„Ние сме апсолутно за Европската унија. Од агендата на европеизација не отстапуваме и нема никогаш да дигнеме раце. Меѓутоа, истата таа Европска унија подразбира како суштинска темелна вредност почитување на културните, јазичните различности на сите европски народи', рече Димитров.
Тој вели дека земјите-членки го поддржуваат пристапувањето на ЕУ, но во прашање се доведува вкупната политика на Унијата кон Балканот.
Заклучоците на министрите на ЕУ за проширувањето на земјите од Западен Балкан се блокирани и речиси е сосема извесно дека нема да бидат усвоени, пред се поради неможноста да се постигне договор за Македонија и Албанија, обелоденува Танјуг од извори од Брисел.
