Димитров: Не е историски соодветно да се оспорува идентитет на свој сосед
Прашањето за идентитетот на македонскиот народ треба да биде надвор од спорот за името, вели македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.
Тој вели дека доколку тоа не се случи, овој спор практично никогаш нема да се реши. Според Димитров, не е историски соодветно во 2017 година во Европа, да се оспорува идентитет на свој сосед, особено не на сосед кој е вон Европската Унија и НАТО.
Димитров бара да се интензивираат билатералните средби со неговиот грчки колега, Никос Коѕијас со цел да се намалат нејаснотиите. Според него, група историчари од македонска и грчка страна треба да се сретнат за да разменуваат ставови во врска со тоа како овие две држави меѓусебно се гледаат.
Инаку во четврток во Солун на покана на грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас, Димитров ќе оди во посета, заедно со неговиот бугарски и албански колега.
Пред една недела и премиерот, Зоран Заев, на прашањето за грчките ставови, изјави дека лично не е подготвен да преговара за идентитетот на македонскиот народ.
