ДИМИТРОВ НА ТВИТЕР: Ниту еден соговорник нема побарано Македонија да стане земја – дестинација за бегалци
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров преку својот Твитер-профил објави дека никој од претставниците на Европската Унија не побарал досега Македонија да стане земја дестинација за бегалци.
„Имав стотини средби од 1 јуни наваму. Ниту еден, ниту еден соговорник нема побарано Македонија да стане земја – дестинација за бегалци“ – напиша Димитров на „Твитер“.

Овој коментар на Димитров се појави во период кога има кампања на граѓанската иницијатива „Будење“, која собира потписи во повеќе градови во Македонија, против, како што велат, изградбата на станови за бегалци, кои државата планира да ги прими.
Дел од медиумите тврдат дека зад иницијативата и собирањето потписи стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија скоро секој ден преку соопштенија и изјави обвинува дека Владата планира прием на бегалци и изградба на станови за нивно сместување. Се споменуваа и контретни општини каде сметаат дека ќе бидат згрижени бегалиците.
Ваквите тврдења на опозицијата се актуелизираа по објавувањето на нацрт-стратегијата на Министерството за труд и социјална политика за интеграција на бегалци и на странци 2017-2027 и акцискиот план за интеграција на бегалци 2017-2027 година.
Од Владата и од МТСП ги негираат обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, и тврдат дека не се планира населување на бегалци во земјава и дека Македонија останува само транзитна земја за мигранти. Дополнително Македонија не е земја која е атрактивна и каде бегалците би сакале да останат.
Од МТСП веќе соопштија дека непотребно се шири паника.
