Димитров: Македонија заслужува да премине на следното ниво од нејзиниот европски пат и да почне пристапни преговори во јуни
Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров денеска на состанокот со министрите за надворешни работи на земјите на Вишеградската група и на Западен Балкан, што се одржа во Будумпешта рече дека ќе направат сè за да ја убедат секоја земја од ЕУ дека Македонија заслужува да продолжи по европскиот пат.
„Сакаме да ја искористиме оваа историска можност и ќе сториме сè за да ја убедиме секоја земја-членка на ЕУ и Европската комисија дека Македонија заслужува да премине на следното ниво од нејзиниот европски пат и да почне пристапни преговори со ЕУ во јуни, следната година. Ние во Македонија ќе работиме најдобро што можеме и ќе предолжиме да се фокусираме на реформите дома, затоа што нашата цел е да ја направиме Македонија европска демократија. Ќе продолжиме да не се расправаме со соседите, иако има искушенија. Македонија, како што им кажав на колегите овде и на колегите во Европскиот парламент вчера, изминативе години имаше ветер в лице и сега навистина би ценеле ветер во грб за да можеме да испорачаме мирни води и плодна жетва“ – рече Димитров во своето обраќање.
Тој нагласи дека регионот неколку години е надвор од вниманието на Европската Унија, но за среќа, од повеќе причини, вклучувајќи ја и мигрантската криза „сега широко е прифатен ставот дека Европа е помалку безбедна ако регионот на Западен Балкан не е дел од ЕУ“.
