Димитров: Бугарската блокада на македонските евроинтеграции е инвестиција во антагонизам
Не може антиевропски услов да биде критериум за ЕУ, вели македонскиот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров.
Според него, бугарската блокада на македонските евроинтеграции е инвестиција во антагонизам наместо во пријателство. Димитров ова го кажа на дискусијата за политиката на проширување на ЕУ со Западниот Балкан што утрово се одржа во Мадрид. Димитров рече дека ниту има правна основа, ниту е пристојно една земја во светот да признава или не признава јазик.
„Не можете да создадете антиевропски услов и да го претставувате како критериум за една земја да се приклучи во ЕУ и секако не откако ја искачивме големата планина – проблемот со името. Решението со Грција беше можно, ние ја додадовме придавката Северна, само затоа што Грција ги прифати нашето право на самоопределување и македонскиот јазик како македонски“, рече Димитров.
Додаде дека со блокирањето на македонските евроинтеграции, Бугарија го прекршува Договорот за добрососедство меѓу двете земји, додека од македонската страна нема такво прекршување.
