Димитров: Бугарија помогна се да тргне по патот на решавање на проблемите
Mинистерот за надворешни работи, Никола Димитров за бугарската телевизија „Бугарија он ер“ изјавил дека бугарското претседателство успеа да го врати регионот на Западен Балкан на дневниот ред во Европската Унија.
„Ние сме како еден остров, опколен со земји-членки и бевме на периферијата на политичкото внимание, не се зборуваше и не се мислеше за Балканот, целиот регион беше оставен малку како на авто-пилот. Нашето враќање на дневниот ред на ЕУ ни помогна и ни даде мотив да ја зграпчиме шансата. Со однесувањето кон Mакедонија и кон другите проблеми на Бaлканот, раководството на Бугарија во овој процес помогна сѐ да тргне по патот на решавање на проблемите, со поглед кон иднината. Многу ни помогнавте“- изјавил Димитров во интервјуто, пренесува БГНЕС.
Договорот со Бугарија, според него, „ни дал храброст и за оној со Грција“, а во спорот за името, како што вели, изгубивме цела генерација.
