Димитров: Ако може политички директори на училишта и болници, може и генерални конзули
Никола Димитров, поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, во емисијата „Студио 10“ на ТВ24 рече дека до некаде е нормално да се испраќаат политички одбрани дипломати во ситуација кога, како што вели тој, и директорите на болниците и училиштата се бираат политички.
Коментарот на Димитров следува откако Министерството за надворешни работи во Њујорк како македонски генерален конзул ја испраќа ТВ-презентерката Бесмира Ејупи, додека во Чикаго веќе е испратен Петрит Муслиу синот на аналитичарот Алберт Муслиу.
- Ми беше јасно, дека политичките партии си бараат позиции кај нас. Така се поставуваат и директори на школи и директори на болници. Веќе кога политички се одбираат дипломати, тоа да е во иднина што помалку и помалку и човекот што го поставувате политички да ги исполнува критериумите и да ја извршува задачата, рече Димитров.
Поранешниот министер за надворешни работи смета дека одлуките се производ на политиката „нати го, дај ми го“.
- Јас во моето време во МНР направив револуционерен пресврт со испраѓање кариерни дипломати за амбасадори. Јас не ја гледам политиката како „нати го, дај ми го“, додаде тој.
