Димитриевски: Ќе поднесеме пријава за обид за изнуда на средства од кандидат
Независната листа „За Наше Куманово“ на актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски обвини дека не престануваат притисоците, заканите и уцените на нивни активисти и симпатизери.
„Сега сме сведоци на изнудени аудија каде се прикажува неточна слика за наводен поткуп. Досега одржавме низа прес-конференции на кои со докази информиравме за злоупотребите од страна на еден кандидат за градоначалник во овој изборен процес. Ќе ги доставиме до сите релевантни институции ОБСЕ, Делегацијата на ЕУ, како и на странските амбасади во земјава. Не сакаме да помислиме дека актуелното Министерство за внатрешни работи, иако имаме индиции, е ставено во функција на еден од кандидатите за градоначалник на Куманово“, пишува во реакцијата.
„Наше Куманово“ го повикува МВР до крај да го истражи случајот со снимката што излезе во јавност.
„Ние уште денеска ќе поднесеме пријава за обид на изнуда на средства од кандидат во време на изборен процес, што е потврдено и во снимката дека лицето бара средства за да обезбеди гласови. Бараме по расчистувањето на случајот да се произнесе Јавното обвинителство што треба по службена должност да одговори на нашата пријава“, стои во реакцијата.
Велат дека нема да дозволат начинот на комуникација со граѓаните да се сведе на обидот на монтирање на нелегални снимки.
