Димитриевски: Изградивме 9 спортски објекти, децата за првпат во училиште добија смарт табли и опрема, а се реконструираа и школите
Независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, вечерва на Алфа телевизија во емисијата „Што не е јасно“ информираше дека во изминатиот период изградени се 9 спортски објекти во училишните дворови и на јавни површини.
„Во изминатиот период, успеавме да изградиме 9 спортски објекти во училишните дворови и на јавни површини. Морам да напоменам, кога инвестира државата во одреден проект многу поскапо чини отколку локалната самоуправа. Зошто е тоа така, граѓаните нека си го дадат одговорот. Имаме конкретни примери дека општината многу порационално, многу пореално и посуштински ги троши граѓанските пари“, рече
Димитриевски.
Во однос на училиштето „Сами Фрашери“, Димитриевски посочи дека ова е децениски проблем, а не проблем од пред некоја година.
„Многу добро знаете на сите дебати, за прашањето за „Сами Фрашери“ и паралелките од техничко училиште на албански наставен јазик ги извадив сите документи и јавно ги покажав. Некои министри молчат и се кријат. Обезбедивме средства, тоа се наменски средства за капитални инвестиции во образование. Ниту една општина нема капацитет сама да изгради училиште, со овој буџет со којшто располагаме. Обезбедивме средства во текот на 2017, 2018 година, токму кога дојде на чело на ресорното министерство министер од албански политички субјект ги тргна средствата од сметка и денеска немаме инвестиција во овој дел, а се повикуваат на технички паушални изјави. Општината го заврши својот дел. Но, инвестираме и во училиштата. 83та година беше последна капитална инвестиција во образование во Куманово. Во периодот од последните две години имаме повеќе од 13 инвестиции во основни и средни училишта. И кај што учат млади македонци и кај што учат млади Aлбанци, бидејќи јас сум градоначалник на сите. Сите живееме во Куманово, јас сум градоначалник на сите и си ги сакам сите мои граѓани без разлика кој на која вера или политичка определба припаѓа. Она што е најважно е дека децата во училиште за првпат добија смарт табли, опрема, реконструирани подови, санитарни јазли, а живееа со тој проблем. Но, имаме се уште голем број на училишта каде имаме нерешени сериозни инфраструктурни проблеми. Доколку има поголеми средства ќе се реинвестира. Проблемот со „Сами Фрашери“ во следниот мандат нема повеќе да се чека на државата. Ако има сенс во ред, ако не, општината веќе порача проект. Значи, одиме заедно со општински средства на удирање на темели и ќе бараме солидарен пристап од граѓаните и ќе си изградиме школо за нашите граѓани“, потенцираше тој.
