Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДИМИТАР, МОЖЕТЕ ДА СМЕТАТЕ НА МОЈАТА ПОДДРШКА ДЕКА ДОГОВОРОТ ЗА ФРОНТЕКС ЌЕ БИДЕ ПРЕВЕДЕН НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, БЕЗ ФУСНОТИ - Фон дер Лајен со порака од Брисел

ДИМИТАР, МОЖЕТЕ ДА СМЕТАТЕ НА МОЈАТА ПОДДРШКА ДЕКА ДОГОВОРОТ ЗА ФРОНТЕКС ЌЕ БИДЕ ПРЕВЕДЕН НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, БЕЗ ФУСНОТИ - Фон дер Лајен со порака од Брисел

По долги 17 години чекање, земјава конечно ги почнува преговорите со Европската унија. Бројна владина делегација од вчера е во Брисел, а отворањето на Првата Меѓувладина конференција е настан кој го следат голем број македонски новинари од речиси сите редакции.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска од европската престолнина до македонската јавност порача дека е огромно задоволството што после 17 години чекање, денес конечно ги почнуваме преговорите. 

„Отвораме нови перспективи за државата и за граѓаните, и полека но сигурно се приклучуваме кон големото европско семејство, што е наша приоритетна стратешка цел децении наназад“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Тој денеска, пред одржувањето на меѓувладината конференција во Брисел, а по средбата со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и премиерот на Чешка Петр Фиала, рече дека верува дека овој нов почеток за регионот ќе значи просперитет и напредок.

„Упатувам искрена благодарност до сите наши пријатели на Европска Унија, за нивната поддршка, вклученост и посветеност на европската интеграција на нашата држава. Нивната заложба беше клучна - ние денеска тука во Брисел да го направиме првиот чекор кој ќе не одведе до полноправно членство во Унијата“, потенцира Ковачевски.

Тој и натаму стои на ставот дека европскиот предлог, кој е добиен преку широк консултативен процес, е најдобро можно решение.

Според Ковачевски, европскиот предлог од повеќе аспекти ги почитува и задржува црвените линии, а во исто време дава конечно почеток на преговорите.

Потенцираше дека во него е прецизиран македонскиот јазик без никакви дополнувања и дообјаснувања.

„Со тоа се отвора вратата нашиот македонски јазик да стане еден од официјалните јазици на ЕУ, што лично го сметам за најголемо достигнување и нјважен успех. Макеодонскиот јазик на овој начин не само што ќе биде заштитен, туку и ќе доживее и неверојатна промоција, со тоа што многу земји и култури кои традиционално немаат допир со нашиот македонски јазик, ќе можат да се запознаат со него“, потенцира Ковачевски.

Тврди дека нашиот идентитет, јазик, култура и обичаи, и понатаму ќе останат наши автентични македонски и во Европската Унија.

„Северна Македонија припаѓа во европското семејство. Нашето место е во ЕУ. Ние досега многу пати докажавме дека сме партнер од доверба на Европската Унија и за земјите членки, и така продолжуваме да работиме и да функционриаме во иднина“ рече Ковачевски.

Премиерот исто така упати честитка и до граѓаните на Албанија и до неговиот колега Еди Рама за старт на преговорите и за нивната земја.

Очекувањата на премиерот Ковачевски се дека ќе имаме позитивен пример за најбрза интеграција на земјата во Европската Унија, исто како што имавме најбрза интеграција на земјата во НАТО.

„Подготвени сме за Европската Унија“, дециден е Ковачевски.

Новинарите кои ја придружуваат владината делегација во Брисел вчера имаа и неформален разговор со премиерот Ковачевски, интересирајќи се како Владата ќе ги менаџира големиот број негативни реакции кај дел од граѓанството во врска со Протоколот со Бугарија, и воопшто со стартот со преговорите.

„Постојат неколку фази, првата е шокираност, па втората е лутина, но потоа следува фазата на прифаќање и на крајот фазата на посветеност кон реализацја“, вели Ковачевски, очекувајќи дека отприлика по таа насока ќе се движи и нашиот пат кон Европската Унија. 

Премиерот ни откри и дека по завршувањето на целиот овој процес, планира да замине на, како што вели, заслужен годишен одмор. 

Сериозни пораки денеска испрати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

За неа, денешното отворање на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија е успех на двете земји и на нивните граѓани. 

„Тоа е резултат на истрајноста, посветеноста на европските вредности, покажаната отпорност и задржаната верба во пристапниот процес“, рече таа пред почетокот на заедничката меѓувладина конференција.

Фон дер Лајен вели дека двете земји го зацврстиле владеењето на правото, се бореле против корупцијата, имаат слободни медиуми, добро граѓанско општество, бројни реформи и ги модернизирале економиите. 

„Ги направивте сите овие промени не само затоа што беа потребни на вашиот пат кон ЕУ, туку пред се затоа што се добри за вашите земји. И тие веќе испорачуваат подобар и поквалитетен живот за вашите луѓе. ЕК ве поддржуваше на целот пат и ќе продлжиме така“, рече Фон дер Лајен.

Претседателката на ЕК се осврна и на меѓувладината конференција.

„По нејзиното одржување Комисијата и преговарачките тимови од Албанија и Северна Македонија ќе започнат со работа. Скринингот на законодавството на ЕУ ќе започне, тоа е првиот чекор од процесите и ќе им овозможи на Албанија и Северна Македонија да се запознаат со правата и обврските на нашата Унија, од спогодби преку законодавство, меѓународни договори и ќе продлжиме многу брзо со сето тоа“, рече Фон дер Лајен.

Како што информираше, Северна Македонија набрзо ќе преговара со ЕУ за Фронтекс.

„Се работи за распоредувањето на Фронтекс во Северна Македонија и тоа ќе ја зацврсти нашата соработка во миграцијата. И Димитар, може да сметате на мојата поддршка за да се осигуриме дека договорот ќе биде преведен на македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички на еднакво ниво со сите 24 европски јазици“, рече претседателката на ЕК. 

Таа нагласи дека со отворањето на пристапниот процес ќе се зголеми соработката онака како што двете земји ќе напредуваат со преговорите.

„Ќе има зголемени инвестиции, ќе има подобрени трговски врски, поблиска соработка во клучни области, како што се енергетиката и транспортот. Ќе ја максимизирате употребата, но и ефектот од финансиите од ЕУ. Тоа значи нови работни места, нови бизнис можности и ова она што вашите граѓани го чекаа толку долго и за што работеа толку напорно, и ова е она што го заслужуваат“ рече Фон дер Лајен.

Таа во изјавата им се обрати и на македонскиот премиер Димитар Ковачевски и на неговиот албански колега Еди Рама.

„Покажавте лидерство, покажавте визија, покажавте стратешко трпение, особено Еди. И она што е најважно во ова предизвикувачко време со руската брутална војна докажавте одново и одново дека вашата приврзаност кон европските вредности е всушност вистинска, покажавте дека сте вистински пријатели, вистински партнери“, рече таа додавајќи дека луѓето од Албанија и Северна Македонија го заслужуваат ова.

Честитики за Северна Македонија и Албанија за овој успех. Иднината на ЕУ е со вас и е на дофат. Ви посакувам што е можно побрзо да се придвижите кон нашето семејство, изјави премиерот на Чешка, Петр Фиала како претставник од чешкото претседателство со Советот на ЕУ.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести