ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ: За Заев имам голема лична, политичка и етичка почит, на партијата и треба освежување и да им се даде шанса на квалитетни луѓе
Во моментов СДСМ се наоѓа во една специфична ситуација, од причина што после локалните избори имаше резултат кој не одговараше на очекувањата, и тоа само по себе предизвикува потреба од нова енергија и од реорганизација на партијата, и изготвување на програма која ќе го врати СДСМ на победничката патека, изјави вчера во своето гостување во 24 Анализа еден од кандидатите за лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.
„Што се однесува до претседателот на партијата, Зоран Заев, ние сме со него од самиот почеток на партијата партиски другари, јас за него имам голема лична, политичка и етичка почит, со оглед на тоа дека тој ги донесе најголемите и најтешките одлуки за државата, благодарение на кои станавме членка на НАТО и сме на чекор од почнување преговори со ЕУ. Инаку, нашиот личен однос, секогаш, како и со другите партиски другари, бил граден на основа на вредности, принципи и искреност“, рече Ковачевски.
На новинарското прашање какви политики водеше Заев досега и зошто се случи ова што се случи на овие локални избори, Ковачевски со одговор дека една од причините е што некои од коалиционите партнери на СДСМ настапија сами на изборите, како ЛДП и ДОМ, со свои кандидати за градоначалници и свои листи за советници.
„Вората причина е што дел од традиционалните поддржувачи во изминатите години, а тоа се зелените и други групи од интерес во општеството, настапија исто така со свои независни листи, на пример во Градот Скопје. И трето е што во партијата се појавија несогласувања кои не можеа да се решат во тој момент и имавме дел од наши градоначалници кои отидоа на изборите сами, како независни кандидати или се приклучија на други, и тоа значеше загуба на дел од гласовите“, рече Ковачевски.
Од друга страна, според него, ако ги погледнеме резултатите, има и дел од членови и симпатизери на СДСМ, кои не гласале за ниту еден од овие три корпуса на кандидати, и кои не излегле воопшто на гласање.
„Тоа не доведува до прашањето кои биле политиките. СДСМ уште од стартот на преземање на власта доминантно беше насочен кон решавање на големите стратешки прашања за државата, што остави одредени празнини во функционирањето внатре во државата, се намали ефикасноста, дел од ветувањата не беа остварени, дел од кадрите кои беа поставени повеќе сакаа да се занимаваат со големите политики отколку со она што им беше доделено... Но, морам да кажам дека СДСМ се придржуваше до своите социјалдемократски принципи - едно општество за сите и враќање на парите кон граѓаните“, нагласи Ковачевски.
Тој вели дека во партијата претстои период на консолидација, и тоа е наведено во неговата програма.
„Клучните зборови се заедно, одговорно и посветено, што значи дека мора да ги консолидираме нашите редови внатре, преку општинските организации, а секој член на партијата да биде слушнат и неговото мислење да биде земено како валидно. Партијата треба прво преку разговор да ги активира сите оние кои во изминативе 4-5 години се пасивизирале, да ги анимира, да ја отвори партијата кон експерти и квалитетни луѓе кои со себе носат нов менталитет, квалитет, и кои ќе можат да предложат политики по кои партијата ќе биде препознатлива“, вели кандидатот за лидер на СДСМ.
Прашан дали ќе се направат кадровски промени во врвот на партијата, вели дека СДСМ го има најдобриот кадровски потенцијал и има најголем демократски капацитет.
„Има еден проблем на голема затвореност на ниво на локални раководства, и тоа мора да го отстраниме. Да им се даде шанса на квалитетни луѓе, што не значи дека некој однадвор треба веднаш да дојде во партијата и да добие најголема функција. Но да се формиртаат совети и комисии, во кои луѓе и од надвор ќе учествуваат“, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека се познава добро лично со сите од сегашниот состав од раководството на партијата, и соработувале деценија или две и во победи и во порази.
„Постои секогаш можност за освежување. Може да се направи освежување во Централниот одбор, се остава простор на новиот претседател да предложи одреден процент на кадри. И потоа тие ќе можат да заземат дел од позициите во Извршниот одбор“, рече Ковачевски.
