Димитар Ковачевски му ја отстапи фотелјата на Венко Филипче во СДСМ
Венко Филипче откако со најмногу освоени гласови победи на внатрепартиските избори за нов лидер на СДСМ, денеска ја презема претседателската функција од Димитар Ковачевски во партиското седиште.
Ковачевски му честиташе на изборот, му посака понатамошен успех во работата и, ккао што нагласија од сега веќе опозициската партија, повторно градење победнички СДСМ. Филипче се заблагодарил на честитките, како и за ангажманот на Ковачевски во изминатите години како претседател на партијата и како премиер на Владата. Поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник посочи дека следи период на многу работа, обединување и реформа на СДСМ.
- Процесот нема да биде ниту брз ниту лесен, но освен темелни промени не постои друг начин да ја вратиме довербата кај членовите, за да може постепено да ја освојуваме и довербата кај граѓаните. Ќе водам со пример, ќе обединувам и ќе работам како што ветив, како што се обврзав пред членовите. Сечиј глас ќе биде слушнат. Со честа и отворена комуникација со членството ќе создадеме нова енергија на партијата која ќе ја трансформираме во една ефикасна организација. СДСМ ќе се врати посилна и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок., рече Филипче.

Слично
