Димишковска: Довербата во институциите е стабилното тло на општеството
Ана
Димишковска универзитетски професор од Институтот за филозофија при УКИМ, кон
крајот на 2017 година се закити со орден Витез од Редот на академските палми,
одликување воспоставено во 1808 година, се доделува за исклучителни заслуги во
областа на образованието. Совршено го владее
францускиот јазик. Докторира на тема “Логичките аспекти на правното
расудување”. Како пасиониран проучувач на француските филозофи, таа учествува
во неколку истражувачки проекти со престижни универзитети, вклучувајќи го и
Универзитетот “Париз 1 – Пантеон Сорбона”, во Париз. Таа исто така учествува
како надворешен истражувач во проектот - Теорија на правото и логиката
(француско-германски проект од областа на хуманитарните и општествените науки).
Член е и на Франкофонската организација за европско образование и истражување
во областа на хуманитарните науки (OFFRES). Димишковска во интервју за Фактор
говори меѓудругото и за правото низ еден филозофски дикурс, како и за тоа како
треба да изгледа новиот закон за високо образование.

Фактор: Се закитивте со орден Витез од Редот на академските палми, одликување воспоставено во 1808 година, се доделува за исклучителни заслуги во областа на образованието. Што претставува ова одликување воопшто и што за вас значи овој орден?
Димишковска: Како што укажува и самото име ова одликување, кое го доделува француското Министерство за образование, неговата цел е да ги верификува и да ги поттикнува дострелите во сферата на образованието и на културата, области каде што на суштински начин се негуваат (или барем би требало да се негуваат) благородните, витешки квалитети на човековиот ум и дух. Од личен аспект, овој орден го доживувам како своевиден патоказ, потврда за исправноста на изборот на три клучни идеи-водилки, три полиња на кои сметам дека има најмногу смисла да се посвети ненадоместливото време на сопствениот живот: филозофското образование, космополитизмот и интелектуалната соработка. Најнапред, професорскиот позив воопшто, а особено во сферата на филозофијата, претставува огромна привилегија но и огромна обврска. Неговото практикување е начин на кој во сегашноста, на почвата на младите умови и души, на таа скапоцена жива материја, се сеат семињата на иднината: идеите, знаењата, способностите, вредностите, принципите, начелата на постапувањето што ќе го обликуваат не само нивниот индивидуален пат, туку и животот на нашата заедница, вклучително и оној на нашите потомци. Од друга страна, како што вели древната латинска поговорка Docendo discimus – поучувајќи ги другите, всушност и самите најмногу учиме од нив, како во интелектуална, така и во човечка смисла, секојдневно ставајќи ги на проба сопствените квалитети, но и сопствените уверувања и степенот до кој сме способни да ги следиме. Понатаму, ова одликување е симбол и на залагањето за надминувањето на границите на сопствената културна традиција и трагањето по универзалните вредности, во духот на слоганот „le monde est à tout le monde“ („светот им припаѓа на сите“). Познавањето на францускиот и на англискиот јазик, контактите со европската и светската академска и, воопшто, културна средина, искуството од преведувањето на македонски на великаните на француската и светската филозофска мисла - Декарт, Бергсон, Фуко, Дерида, Кристева, Бурдје и други мислители - само го зацврстија моето уверување во важноста на културниот и на јазичниот плуралитет. Таквата космополитска перспектива ни овозможува брзо и лесно да се препознаеме себеси во другиот и другиот во себеси, и вистински да ја цениме како уникатноста на сопствената култура, така и нишките што, низ неа, нѐ поврзуваат со општочовечкото.Најпосле, добивањето на овој орден не претставува само индивидуален дострел, туку е резултат и на многу различни форми на соработка со поединци и институции во и надвор од нашата земја во изминатите две децении. Целта на ваквата соработка беше да се афирмира идеалот на квалитетно образование и важноста на филозофијата и на другите хуманистички дисциплини во современиот свет, раскинуван од конфликти и контроверзии на многу рамништа. За нејзиното реализирање клучна беше поддршката од мојата матична институција - Институтот за филозофија, односно Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, потоа од Францускиот институт во Скопје, Амбасадата на Република Франција во Република Македонија и Франкофонската организација за европско образование и истражување во хуманистичките науки (OFFRES). Синергијата, квалитетот на заедничкото дејствување создаден во овој процес, го сметам за исклучително значајна придобивка и вистинско „витешко копје“ со кое и во иднина ќе треба да се кршат бариерите што нѐ држат во заемна изолација и го уништуваат најважниот потенцијал на нашата заедница: капацитетот за обединување на човечките сили околу нешто што е вредно и важно за сите нас.

Секоја индивидуа би се чувствувала дека не е препуштена на милост и немилост на каприците на човечката волја, туку дека е под постојана закрила на добро обмислените закони и на непристрасните институции
Фактор: Интересна е вашата тема на која докториравте - „Логичките аспекти на правното расудување“. Овој филозофски дискурс е навистина интересен, до каков заклучок дојдовте?
Димишковска: Идејата да работам на една ваква интердициплинарна тема, произлезе, меѓу другото, и како резултат на сознанието дека логиката како филозофска дисциплина, која е главното подрачје на моето професионално интересирање, е и дисциплина што има мошне широка и важна практична примена. Нејзините принципи и механизми се на експлицитен или на имплицитен начин вградени во сите сфери на рационалноста, расудувањето и дискурзивната комуникација. Меѓу овие сфери, правото и правното расудување заземаат особено значајно место. Имено, самото обликување на правните системи како системи од норми, нивното толкување, утврдувањето на правно релевантните факти, поврзувањето на нормите и фактите во судиското расудување, соочувањето на разлозите за и против определени решенија во процесот на решавање на правните контроверзии и образложувањето на судските одлуки, се постапки што во основа - иако, се разбира, не исклучиво - имаат логички и аргументациски карактер. Од друга страна, не е неопходно да се биде посебно правно образован за да се увиди фактот дека правото и неговата примена ги засегаат фундаменталните вредности на индивидуалниот и на колективниот живот - слободата, сигурноста, правдата, достоинството, честа, имотот, интегритетот. Оттаму, јасно е дека пропустите во примената на логичките принципи на правен план можат да имаат катастрофални последици по стабилноста и функционалноста на целиот правен систем, како и по заштитата и остварувањето на правата на поединците и на општествените групи. Така, еден од основните заклучоци до кои доведе истражувањето во рамки на мојот докторски труд е сознанието дека иако логичката коректност во обликувањето и применувањето на правото, сама по себе, не е доволен услов за остварување на еминентно правните вредности, таа е сепак, еден од неопходните услови за тоа. Следствено, сувереното владеење со логичките принципи и техники и изострувањето на логичките и аргументациските стандарди на сите рамништа на правните процеси би можеле да имаат позитивен ефект врз нивниот општ квалитет.Вториот главен заклучок се однесува на импликациите од логичките анализи на правното расудување за самата логика како дисциплина. Текот на истражувањето покажа дека доколку логиката претендира да има статус на дисциплина што е способна теориски да ги третира сите манифестации на рационалноста, вклучително и правната рационалност, мора да ја напушти исклучивата врзаност за формалниот, математички инспириран, аксиоматски образец и да се наврати кон античките теории за дијалектичкото расудување, аргументацијата, топиката, реториката, и воопшто сферата на „практичниот ум“. Токму во тој дух на проширување на традиционалните логички хоризонти се развиваат и голем дел од современите логички теории. Во нивните рамки се создаваат концепти, модели и инструменти приспособени кон спецификите на расудувањето во практичните контексти, каде што постојат многубројни исклучоци од правилата, судир на вредностите и нормите, и можности за различна интерпретација на поимите и исказите изразени со средствата на природниот јазик. Всушност, логичките анализи на правното расудување дадоа голем импулс за развојот на самата логика и укажаа на нејзината длабинска релевантност и за филозофијата на правото. Така, иако морам да признаам дека во младите години правото го доживував како безлична и непровокативна материја, идентификувајќи го со ригиден, сувопарен збир од правила и параграфи, токму преку логиката и филозофијата го „преоткрив“ како исклучително возбудливо подрачје за размисла и истражување.

Фактор: Анализирајќи ја „Мистериозната рака на (не)правдата: тенката линија помеѓу злосторството и казната во романот ‘And then there were none’ од Агата Кристи“, вие практично влечете една интересна паралела дека правото е сфера која не е релевантна само за правните теоретичари туку и за теоретичарите и истражувачите кои се занимаваат со другите општествени дисциплини?
Димишковска: Текстот што го споменувате, а што е објавен во Годишниот зборник на Филозофскиот факултет за 2017 година, беше инспириран од моето учество на научната расправа „Книжевноста и казненото право“ што се одржа во мај 2017 година на Правниот факултет „Јустининијан Први“ во Скопје, во организација на Здружението на млади кривичари на Македонија. Оваа научна манифестација, на која учествуваа правници, филозофи и книжевници претставуваше одлична потврда за некои од поентите што ги засегнавме и во претходните прашања: важноста на интердисциплинарната соработка во општествените и хуманистичките дисциплини фокусирана врз суштествените феномени на човековиот живот. Филозофскиот поглед кон правото покажува дека тоа изобилува со можности за анализа на овој вид феномени и токму затоа е релевантно за целата општествено-хуманистичка сфера. За мене лично, најинтересниот аспект од врската помеѓу филозофијата, книжевноста и правото е начинот на кој, во пресекот на овие три подрачја, се манифестира постојаната борба, напнатиот однос помеѓу реалното и имагинарното, индивидуата и колективитетот, слободата и законот, ѕверскиот и божествениот дел од нас. Како што покажа споменатата расправа, а и целиот тренд на поврзување на филозофската, книжевната и правната перспектива, крвавите траги од таа борба можеме да ги следиме во наследството на нашата цивилизација на речиси непроменет начин од античките трагедии па сѐ до денес.
Фактор: Како би изгледало правото во Македонија од еден филозофски дискурс?
Димишковска: Бидејќи самото Ваше прашање е формулирано на условен начин, во одговорот на него јас би извлекла една утописка нишка што честопати го карактеризира филозофскиот дискурс. Така, би посочила на она, што според мене, би ја карактеризирало не реалната, туку идеалната правно-општествена клима во земјата во која живеам, и во која би сакала да живеам, заедно со сите други добронамерни луѓе. Тоа би била клима во која, според една од формулациите на прочуениот логичар и филозоф на правото Хаим Перелман, секоја индивидуа би се чувствувала дека не е препуштена на милост и немилост на каприците на човечката волја што се раководи од личниот, политичкиот, економскиот или друг партикуларен интерес, туку дека е под постојана закрила на добро обмислените закони и на непристрасните институции. Довербата во институциите, особено во правните институции, како гарант за остварување на правдата и правната сигурност, го претставува она стабилно тло на општествениот живот чие нарушување, за духовната и социјалната страна на нашата личност, има сличен ефект како стравот, загрозеноста и паничниот очај што нѐ обземаат кога под нозете ни се тресе физичкото тло. Без цврстината на тоа општествено тло не може да се изгради ништо што има траен карактер, бидејќи кога тоа е порозно и кревко, луѓето се постојано обземени од чувството на несигурност, залудност на сопствените напори и раскршеност на вредносната структура. Наспроти тоа, во ситуација на максимална правна сигурност и реална верба во функционалноста на институциите, парафразирајќи една народна мудрост, би можело да се каже дека дури и кога самите ние би требало да бидеме засечени од мечот на Јустиција, не би требало да чувствуваме болка, бидејќи би биле уверени во праведноста на санкцијата и нејзината неопходност за одржувањето на општата вредносна рамнотежа. Имено, што она што секогаш боли повеќе од казната е чувството на претрпена неправда и колапс на вредносниот систем. Меѓутоа, како во нашата, така и во сите други земји, постои глобалниот проблем што дури и најдобро конципираниот нормативен и институционален систем нема друг начин да се спроведе во дело освен низ дејноста на реалните човечки индивидуи што ги сочинуваат институциите и што ги оделотворуваат нормите. Доколку тука не се постави и одржи цврст бедем на професионалноста, чесноста и интегритетот во постапувањето на секојдневно ниво, чисто формалните гаранции нема да можат да бидат доволни да ги донесат насушно потребните промени во сеопштата социјална атмосфера. Можеби звучи парадоксално, но мислам дека на долги патеки, клучот за надминувањето на правните, како и на другите општествени контроверзии во нашата реалност, лежи во сферата на образованието и културата; во систематското подигнување на степенот на општата, политичката, правната и образовната култура, во светлината на која би станала саморазбирлива идејата дека, како што укажуваше уште Кикерон, токму покорувањето на законот - сфатен како оделотворување на умот и на праведноста – е она што нѐ прави слободни.
Прашањето е каде лежат вистинските упоришта на отпорот против тие притисоци, непробојните брани на автономијата на универзитетот
Фактор: Во јавноста актуелни се измените на законот за високо образование. Ќе успее ли Универзитетот да си ја врати автономијата?
Димишковска: Во духот на одговорот на претходното прашања, секако дека постоењето на цврста и квалитетна законска рамка во која ќе бидат преточени уставните гаранции за автономијата на Универзитетот е не само неопходен услов за неговото нормално функционирање, туку и показател на степенот на интелектуалната и политичката свест на целото општество. Од една страна, се работи за свеста дека за држави со скромни димензии, степен на развој и економски ресурси како нашата, најважната, ако не и единствената, шанса за опстанок и напредување во современиот свет е систематското развивање на интелектуалниот потенцијал и негово третирање како клучно стратешко добро. Ова особено се оденсува на врвните образовни и научно-истражувачки форми на таквиот потенцијал, кои се концентрирани во Универзитетот и за кои мора постојано да се создава автономен, слободен и поттикнувачки простор. Од друга страна, негувањето на критичкиот и рефлексивниот дух како еден од основните белези на науката, особено во општествено-хуманистичките дисциплини, е движечката сила на општествата што ја осознале древната вистина дека нема прогрес без слободна мисла, без постојано, бескомпромисно трагање по знаењето и преиспитување на сопствените основи, начела и дострели. Како претпоставено средиште на таквата мисла, Универзитетот е главната артерија на интелектуалниот крвоток на општеството, што ги одржува и ги стимулира неговите витални функции. Но ваквата улога и положба на Универзитетот, не само кај нас, туку и во глобални рамки, е неспоива со диктатот на различни видливи и невидливи структури на моќта, кои во образовната сфера гледаат полезна алатка за политичка инструментализација или можност за профитирање од претворањето на интелектуалните добра во стока податлива за купопродажба. Оттаму, нереално е да се очекува дека обидите за притисоци од политички, економски или друг вонннаучен карактер врз Универзитетот во современите околности можат во целост да исчезнат. Прашањето е каде лежат вистинските упоришта на отпорот против тие притисоци, непробојните брани на автономијата? За мене, од филозофски аспект, покрај правната димензија на автономијата, особено е значајна нејзината смисла како етичка категорија. Во тој, кантовски дух, автономијата претставува капацитет на волјата за следење на сопствениот закон - врховниот, морален закон, што како дело на умот не е произволен туку ги содржи највисоките, универзално валидни правила на постапувањето. Оттаму, автономните инстанции немаат надредени инстанции во областа на која се однесува нивната автономија, затоа што тие самите на себеси си се (или би требало да бидат) единствено компетентен, но и најстрог судија за квалитетот на сопственото дејствување. Тој облик на борбата за универзитетската автономија, сфатен како постојан напор да се понесе одговорноста што е другото лице на привилегијата на слободата, да се одолее на надворешните, но и на внатрешните удари, да се биде на врвот на сопствената образовна и интелектуална мисија и етички да се користи стекнатата научна и општествена моќ, ми се чини како најделикатен и најтежок, како, впрочем, и сите облици на борбата со самите себеси. Но затоа и неговите резултати, според моето мислење, се најдрагоцени и најдостојни за почит. Тие откриваат една длабинска смисла на значењето на автономијата на Универзитетот - неговиот стремеж да претставува не само ризница на знаења, туку и движечка сила и вредносна вертикала на општеството, стремеж кој тој ќе може да го оствари единствено во онаа мера во која за тоа е подготвена секоја индивидуа што дејствува во неговите рамки.
Р.Ф
