Димче Арсовски: Ивица Коневски сака да биде секретар на партијата, затоа што не му оди адвокатурата
Димче Арсовски, гласноговорникот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска реагираше на статусот на Ивица Коневски и наведе дека поранешниот градоначалник на Аеродром сака да биде секретар на најголемата опозициска партија кога истата би ја превземале, како што вели тој, заговорниците против актуелното раководство предводено од лидерот Христијан Мицкоски.
„Добро е што Ивица Коневски излезе со став, инаку сликата на печалбар од ВМРО-ДПМНЕ не би била потполна.
Очигледно адвокатурата му иде толку лошо, што сега има желба да менува професија и да се враќа во политика, каде што пак последните години од кариера му идеше уште полошо од адвокатурата сега.
Работава испаѓа - Не умри магаре до зелена трева.
И не треба никој да се труди да пишува имиња и презимиња околу печалбарите, сами ќе се јават сите.
Е сега малку околу суштината, овие луѓе кои бараат смена на Претседателот Христијан Мицкоски се всушност неславниот багаж кој ВМРО-ДПМНЕ го влечеше како тег во пропаст, а потајно се молеа и работеа да победи СДСМ и на референдумот и на изборите.
Сметам јас, а и целото членство, дека е време тој багаж да се истовари, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од тие ликови кои кога велат промени, мислат на тоа - тие да ја управуваат партијата која и тогаш и сега ја гледаат како ДООЕЛ за пари и бизнис. А, слушам веќе и функции си поделиле, па Ивица ќе бил секретар“, напиша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ во дел од својот статус на Фејсбук.
Тој им порача на поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ кои сега го критикуваат раководството по предвремените парламентарни избори дека и одмагаат на партијата во период кога таа преговара за составување на Влада.
Коневески претпладнево на Фејсбук побара реформи во партијата и промена на политиката која ја води партискиот врв. Претходно со слични ставиви се јавија Никола Попоски, Сашо Мијалков и Никола Тодоров.
