ДИК ПРИФАТИ ПРИГОВОРИ, ДО ПЕТОК ЌЕ „ПРЕСЕЧЕ“ И УПРАВНИОТ СУД - може ли со прегласување да се намалат пратениците на Европскиот фронт
Државната изборна комисија соопшти дека ќе ги прифати приговорите поднесени од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за три избирачки места од парламентарните избори. Прегласување според приговорите ќе има на избирачкото место 1272 во општина Охрид, како и на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево.
Претседателот на ДИК посочи дека по извршеното пребројување на гласови, на избирачкото место 1272 во Охрид, било утврдено дека записникот не е правилно пополнет, а имало и поправки во делот на гласачите внесени со рачен внес, по што се утврди дека е потребно повторно гласање.
Потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, гласаше против овој приговор поради тоа што тврди дека бројката на гласачи се совпаѓа со бројот на потписи. Во нејзиното излагање образложи дека забелешката за резултатите од гласачкото место 1272 се однесува на записникот 16, во делот 4, кој е погрешно пополнет, а тоа според неа претставува грешка која ја има речиси кај сите избирачки одбори.
Во Крушево, приговорите за двете избирачки места се усвоени поради несовпаѓање на бројките од записникот со оние од уредот за биометриска идентификација.
Комисијата од страна на Демократската унија за интеграција, побара да се отфрлат приговорите поднесени од страна на Коалицијата „Вреди“ за шестата Изборна единица, како и приговорите поднесени од Коалицијата за „Европска иднина“ предводена од СДСМ, за Изборната единица број 5.
Според Шеху, станува збор за нерегуларно поднесени приговори, но сепак по гласањето беше донесена одлука за да биде прифатен првиот приговор поднесен од коалицијата „Вреди“ со што е одлучено да има прегласување на избирачко место во Желино. Таму ДИК по отворање на избирачкиот материјал, констатирала дека имало едно гласачко ливче повеќе, односно има несовпаѓање на бројот на потпишани гласачи во избирачкиот список, со гласачките ливчиња во кутијата.
Според медиумите, доколку се прифатат некои од приговорите и се прегласува на одредени избирачки места, тоа може да донесе промени во распоредот на мандатите, како во Изборната единица 5, така и во „шестката“. Резултатите од евентуалното прегласување, доколку одлуката на ДИК ја потврди Управниот суд, откако коалицијата „Европски фронт“ најави жалби, може да влијаат на распределбата на мандатите на пратениците во ИЕ 5 и во ИЕ 6. Според проекциите, од прегласувањето во ИЕ број 6, еден мандат од коалицијата „Европски фронт“ може да оди кај коалицијата ВЛЕН, додека во петтата ИЕ, од коалицијата „Европски фронт“ еден мандат може да оди кај Коалицијата „За европска иднина предводена од СДСМ или Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Сите политички партии кои имаат приговори или ја оспоруваат одлуката на ДИК за прегласување на овие избирачки места во ИЕ 5 и 6, во рок од 24 часа од приемот на оваа одлука, можат да се жалат до Управниот суд. Доколку има такви жалби, управниот суд мора да одлучи по нив во рок од 48 часа и да донесе конечна одлука дали ќе има прегласување.
За да се знае дали ќе има прегласување треба да се почека, бидејќи има рок и за жалби на одлуката на ДИК до Управниот суд.
Евентуалното прегласување би се случило на 22 мај-објануваат од ДИК за дел од медиумите.
По одлуката на ДИК реагираше Европскиот фронт кој ја оцени како неправедна и тенденциозна. Скендер Реџепи порача дека нема да се дозволи да се промени легитимитетот на Албанците.
Од коалицијата ВЛЕН очекуваат по прегласувањето на избирачкото место 2102 во општина Желино – Тетово да добијат уште еден пратенички мандат во ИЕ 6, па така од 13 колку имаат според првичната распределба нивната пратеничка група во наредниот собраниски состав може да има 14 пратеници.
За изборните резултати до ДИК беа поднесени 27 приговори – девет од Коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Според првичните официјални резултати за парламентарните избори што ги објави ДИК, Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 пратенички мандати, по што следуваат Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 18, Коалицијата ВЛЕН со 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.
Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ , денеска во „Daily Click“ на ТВ21 порача дека ДУИ имало амбиции овие избори да ги направи нефер, пред се претседателските избори да бидат неуспешни бидејќи активно се работеше на бојкотирање.
„Имаше нерегуларности и во други избирачки места, но можностите беа такви политичките партии да, своите приговори, ги дадат во овие избирачки места кои што ги имаме забележано. ДИК правилно направи што одлучи да се прегласува и реши да го поништи гласањето во овие места“, вели Андоновски.
Нивниот став, како што вели, е дека ВМРО-ДПМНЕ може да добие дополнителен број пратеници од прегласувањето во овие избирачки места.
„Секако доколку граѓаните сметаат дека треба да ја дадат поддршката на овие избирачки места на еден фер процес кој што ќе биде набљудуван, сега со очите на целата македонска јавност. Се надевам дека тоа ќе значи дека ќе имаме фер и кредибилен изборен процес во овие избирачки места и ќе може вистински да се поделат гласовите како што треба. Нашите анализи покажуваат дека можеме да добиеме до 2 нови пратеници, секако анализите и на другите политички партии зборуваат за пратеници а токму и затоа се поднесени“, вели Андоновски.
