ДИК денеска ќе објави важна бројка за референдумот
Државната изборна комисија (ДИК) денеска ќе го објави точниот број на гласачи кои ќе имаат право на изјаснување на референдумот распишан за 30 септември, со што точно ќе се знае колкумина ќе треба да излезат за да се исполни цензусот.
ДИК треба да го заклучи Избирачкиот список за референдумот закажан за 30-ти септември. Во 15:30 часот ДИК ќе одржи седница на која ќе го заклучи Избирачкиот список и на која ќе го соопшти бројот на гласачи кои ќе можат да се изјаснат на референдумот.
На дневен ред на седницата се и разгледување и усвојување на барањата за добивање на овластувања за набљудување на референдумот 2018 година, поднесени од ЦИВИЛ - Центар за слобода Скопје и ТВ Визион ПЛУС Тирана, барања за неприфаќање на извршување на должност во општинските изборни комисии и случаен избор на членови на општинските изборни комисии, како и предлог на одлука за изменување и дополнување на годишниот план за вкупните потреби од јавни набавки.
