Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДИК БАРА 15 ВРАБОТУВАЊА - за изборите мора да се надополнат тие што си заминале

ДИК БАРА 15 ВРАБОТУВАЊА - за изборите мора да се надополнат тие што си заминале

Државната изборна комисија е подготвена за претстојните предвремени парламентарни избори, кои ќе се одржат на 12 април следната година. 

Сепак, како што за Фактор потврди претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, комисијата апелира до надлежните државни институции да одобрат вработување на најмалку 15 лица до крајот на годинава, бидејќи од ДИК во изминатиов период се одлеал кадар по разни основи. Новите вработувања се неопходни за да може комисијата добро да ги организира претстојните парламентарни избори. 

„Имаме барање за вработување нов кадар, бидејќи во меѓувреме дел од вработените си заминаа, односно дел отидоа во други институции, а дел по основ на пензионирање. Затоа сега имаме одредена празнина и мора да има нови вработувања за тие служби да ги надополниме, бидејќи, во спротивно, ќе има проблеми со организацијата на изборите. Ние направивме нова систематизација, која треба да ја одобри Министерството за информатичко општетсво и администрација, а потоа за вработувањата согласност треба да даде Министерството за финансии. Се надевам дека до крајот на годината ова ќе се заврши, за да можеме да влеземе подготвени во процесот“, вели Дерковски.

Колку избирачи ќе можат да го остварат своето право на глас на претстојните избори, првиот човек на ДИК вели дека оваа институција добива квартални податоци од Министерството за внатрешни работи, а според последните податоци што ги имаат, станува збор за над 1,8 милиони гласачи.

Според него, во последните два изборни циклуси, никој не споменал дека има проблеми со избирачкиот список, или дека тој е нереален. 

„Веднаш штом ќе се распишат изборите, МВР веќе наредниот ден ќе достави до нас точна бројка на бројот на избирачи, тоа е тој критичен ден. Бројот на избирачи е жива материја, има и смртни случаи, но други стануваат полнолетни“, вели Дерковски. 

Тој вели дека граѓаните уште сега можат да проверат дали ги има во Избирачкиот список, и доколку не можат да се најдат, навреме да реагираат. 

„Не мора да се чека увидот во избирачкиот список“, вели Дерковски.

Лидерите на политичките партии терминот 12 април го договорија на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски. 

( Н.Н.Ф.)


Слично

Поврзани вести