Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дијаспората со апликација ќе се пријавува во ДИК за гласање

Дијаспората со апликација ќе се пријавува во ДИК за гласање

Гласачите од дијаспората за гласање ќе се пријавуваат преку посебна апликација. 

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на својата веб-страна ќе објави посебна апликација за пријавување за гласање на државјаните на Република Македонија кои живеат во странство за претстојните избори во декември. 

ДИК вчера го усвои Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремените парламентарни избори на 11 декември, во којшто е предвидено пријавувањето за гласање на македонските државјани да започне од распишувањето на изборите и да трае до 11 ноември, кога завршува јавниот увид во избирачкиот список за сите лица со право на глас.

На седницата членовите на ДИК ја најавија оваа посебна апликација преку која македонските државјани што живеат надвор од земјата ќе треба да пополнат пријава за гласање. Оние околу 80.000 што ги има во базата на МВР и се обележани во избирачкиот список како иселени, ќе треба само да ја пополнат пријавата, а другите кои не живеат во Македонија повеќе од три месеци ќе треба да приложат соодветни документи како доказ дека живеат надвор од Македонија.

ДИК очекува од Министерството за внатрешни работи денеска до нив да бидат доставени податоци за лица кои наполниле или ќе наполнат 18 години до денот на изборите, како и нивни форографии кои ќе бидат приложени во избирачкиот список.

Според актуелните законски прописи, избирачкиот список за овие избори освен податоци за гласачите ќе содржи и фотографии, што би требало да ги намали шансите за изборни злоупотреби и нерегуларности.

Јавниот увид во избирачкиот список во подрачните одделенија на ДИК и месните канцеларии ќе започне на 28 октомври и ќе трае петнаесет дена. 

За време на јавниот увид, право да се пријават за гласање ќе имаат и 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на избирачкиот список.

Роковникот предвидува листите на кандидати за пратеници полититичките партии и независните кандидати да ги достават до ДИК најдоцна до 11 ноември на полноќ. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува на 9 декември.

По распишувањето на изборите стапија на сила и роковите кои се однесуваат на радиодифузерите и медиумите. 


Слично

Поврзани вести