Дијаспората ќе гласа в сабота - најмногу пријавени има во Берн
Во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во сабота ќе гласа дијаспората.
За гласање во дијаспората се пријавени 20.573 граѓани. Најголем број пријавени избирачи за гласање има во Берн 4.256, Венеција, 2.724, Детроит 1.170, Њујорк 1.168, во Мелбурн 1.112. Во Берн се отворени три дополнителни избирачки места, а во Венеција две. Најмалку пријавени гласачи има во Мадрид - 10, во Пекинг 13 и во Варшава 14 гласачи. Тие ќе гласаат од 7 до 19 часот по локално време.
Во сабота ќе гласаат и внатрешно раселените лица, осудениците, војската, болните и немоќни лица.
На избирачкиот список запишани се 1.784.416 полнолетни државјани на Република Македонија или околу 5.000 повеќе од минатите избори. Во земјава ќе гласаат 1.531.368 граѓани, а на посебен избирачки список запишани се 230.122 лица кои се смета дека се на привремена работа во странство.
На избирачките списоци за прв пат пред името и презимето на секој гласач ќе стои и неговата фотографија од личната карта или пасошот.
На овие избори гласачите нема да се обележуваат со мастило, туку по гласањето на прстот ќе бидат обележани со невидлив спреј. Пред влегувањето во просторијата ќе бидат проверувани со УВ-ламба.
325 членови на избирачките одбори кои ќе го спроведуваат гласањето во 46 дипломатско-конзуларни претставништва во Европа, Австралија и Северна Америка го остварија вчера своето гласачко право.
Граѓаните во недела на 11 декември ќе гласаат за нов парламентарен состав.
