Дијаспората и тврдокорните излегуваат на протест во Скопје
Повеќе здруженија на Mакедонците од дијаспората заедно со домашните „Tврдокорни“ патриотски организации најавија дека на 27 февруари ќе излезат на протест во Скопје на кој ќе побараат прекин на преговорите за решавање на спорот за името со Грција.
Македонските заедници во светот по повод годишнината од движењето “За заедничка Македонија“, на 27 февруари 2018 година организираат Семакедонски протест за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата во Скопје!
Семакедонскиот протест ќе започне во 18 часот пред Мисијата на Европската Унија, оттаму протестниот марш ќе се движи по булевар “Свети Климент Охридски“ и булевар “Димитрие Чуповски“ до Собранието на Република Македонија.
Нивните барање се :
(1) безусловен крај на разговорите за името Македонија со Владата во Атина и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија;
(2) повлекување на Законот за употреба на јазиците;
(3) повлекување на Договорот Заев-Борисов; и
(4) итно ослободување на притворените и осудените за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.
Барањата ќе бидат доставени до Претседателот, Собранието, Владата на Република Македонија, и до сите странски амбасади во Македонија.
Доколку Владата не ги прифати барањата, Македонците во светот бараат самораспуштање на Собранието и одржување вонредни парламентарни избори со обезбедување услови за остварување на избирачкото право во седмата изборна единица, без обврска за упис на избирачкото право на секои парламентарни и претседателски избори, велат од СМК.
Семакедонскиот протест го поддржуваат Светскиот Македонски Конгрес, Движењето “СУМ“ Сите за унитарна Македонија, Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Сојузот на Македонците со исламска религија, Македонски манифест, здруженијата на бранителите и македонските патриотски здруженија.
