Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДИГЕСТИВНИОТ ХИРУРГ СВЕТОЗАР АНТОВИЌ Е НОВ ДЕКАН НА МЕДИЦИНСКИОТ ФАКУЛТЕТ: Мандатот ќе го посвети на уште поголем развој

ДИГЕСТИВНИОТ ХИРУРГ СВЕТОЗАР АНТОВИЌ Е НОВ ДЕКАН НА МЕДИЦИНСКИОТ ФАКУЛТЕТ: Мандатот ќе го посвети на уште поголем развој

Проф. д-р Светозар Антовиќ, специјалист по дигестивна хирургија денеска е избран за нов декан на Медицинскиот Факултет. Тој е актуелен раководител на Катедрата по Хирургија при Медицинскиот Факултет – Скопје и има богато професионално досие. Откако во 2004 година го положува државниот испит, веќе од следната година започнува со специјализација од областа општа хирургија, а во 2009 година избран за помлад асистент по општа хирургија. Во 2015 успешно ја одбранува докторската дисертација со наслов „Валидноста на сентинелниот лимфен јазол кај пациенти со колоректален карцином изолиран со употреба на радиоактивен колоид на Tc99m”.

2016 година избран за научен соработник по предметот Хирургија, како и за доцент по предметот Хирургија, а откако во 2019 година успешно го положува супспецијалистичкиот испит се стекнува со звање супспецијалист по абдоминална хирургија. Истата година е избран за вонреден професор по Хирургија, а во 2020 година е избран за раководител на Катедрата по Хирургија при Медицинскиот Факултет во Скопје, УКИМ.

Од денеска како декан на факултетот, Антовиќ, во изјава за Фактор вели дека во неговиот мандат ќе се заложи за посилна меѓународна соработка на Факултетот.

-Најпрво би сакал да им честитам на останатите двајца кандидати кои покажаа храброст и одлучност да се впуштат во оваа битка, битка која ја разбирам како натпревар на идеи за иднината на Медицинскиот Факултет. Оваа установа е стожер во научното делување на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и во таа насока ќе мора да продолжиме со уште поголеми сили и нови проекти за издигање и на Факултетот и на Универзитетот. Посебен акцент ќе дадам на меѓународната соработка заради што во наредниот период ќе има продекан за меѓународна соработка. Уредувањето на здравствената дејност на сите институти на Факултетот ќе биде од особено значење за наредниот мандатен период на што ќе се посвети посебно внимание. Ќе се ревидираат постоечките програми за студирање, а практичната настава на студентите е нешто за што посебно ќе се води грижа.

На факултетот му е потребно зајакнување и унапредување на меѓучовечките односи за што лично ќе се заложам со сите сили со цел заедно да работиме на неговото издигнување бидејќи тоа може замо да биде колективен, а не личен успех на поединци, изјави проф. д-р Антовиќ.

Тој има објавено и преку триесетина научни трудови од областа на дигестивната хирургија во меѓународни научни списанија и зборници од научни собири и активно е вклучен во стручно-применувачката работа на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија како специјалист по општа хирургија и супспецијалист по дигестивна хирургија.

А. Б.

ФОТО: ФБ/Министерство за здравство

Слично

Поврзани вести