Девојка уценувана за 400 евра за провокативните фотки
Во Македонија се почести се случаите на закани кон млади девојки за провокативните фотки кои им ги испраќаат на своите момчиња кои потоа ги уценуваат за пари откако ќе раскинат. Со слични проблеми се соочила девојка од гостиварското село Добри Дол, која вчера во полициската станица Гостивар пријавила тетовец дека ја уценувал.
Од СВР Тетово информираат дека 19 годишната девојка подолг период добивала закани и уцени од дваесетгодишен тетовец, кој преку пораки и телефонски повици од неа барал 400 евра, во спротивно ќе објавел нејзини фотографии.
Фотографиите со кои девојката била уценувана наводно биле преземени од нејзина сметка на социјалните мрежи. Според девојката, тетовецот инсистирал да се видат и вршел притисок.
По пријавувањето, од полицијата велат го открила идентитетот на уценувачот и најавува дека ќе биде повикан на разговор.
Годинава на подрачјето кое го покрива СВР Тетово, регистрирани се педесетина случаи на злоупотреба на лични податоци, фотографии, видео клипови и измами преку социјални мрежи.
Од тие причини, од СВР Тетово апелираат до корисниците на социјални мрежи и особено помладите да бидат претпазливи со размената на лични податоци, фотографии и документи.
