Девојче излета од лулашка во Карпош, надлежните се „препукуваат“ на партиска основа
Шестгодишно девојче излетало заедно со конструкцијата на лулашката во новиот детски парк кој беше пуштен во употреба пред само неколку денови. ОД СДСМ обвинуваат дека директна одговорност имаат Општина Карпош и градоначалникот, од општината демантират, велат дека некој намерно ги оштетувал реквизитите за да се случи некаков инцидент.
По само неколку денови откако беше пуштен во употреба детскиот парк во населбата Козле, шестгодишно девојче излетало заедно со конструкцијата на лулашката во паркот. Реакциите не стивнуват поради контроверзиите околу поставувањето на детските реквизити. Од СДСМ велат дека дел од реквизитите во детскиот парк, меѓу кои и лулашката биле поставени од друг субјект, а не од изведувачот на паркот. Од СДСМ обвинуваат дека директна одговорност за овој настан имаат Општина Карпош и градоначалникот.
„Ваквото однесување на локалната власт е уште еdна потврда дека Јакимовски е подготвен да ја жртвува безбедноста на граѓаните, дури и на најмладите за да го оствари својот бизнис интерес. Безобразието оди дотаму што наместо да ја превземат одговорноста тие тврдат дека некој намерно ги оштетил реквизитите за да се случи некаков инцидент“ - вели Душко Весковски, претседател на ОО СДСМ Карпош.
Од општина Карпош ги демантираат ваквите изјави, од таму тврдат дека СДСМ намерно ги оштетувал реквизитите за да се случи некаков инцидент.
„СДСМ навечер праќа свои активисти да го уништуваат паркот, за потоа преку ден да држат прес конференци. Тие сега имаат нова стратегија: уништување на лулашки, клупи, клацкалки и други детски реквизити. Зошто вие од СДСМ кога видовте дека не можете да ја срушите лулашката отидовте дома да земете клучеви, за да ја превртите и денес од неа да направите фотосесија?“ - велат од општина Карпош.
Изминатиот викенд, поточно во саботата навечер, во овој детски парк кој се наоѓа наспроти студентскиот дом „ Гоце Делчев “ се случил немилиот настан, каде што шестгодишно девојче излетало заедно со конструкцијата на лулашката од паркот.
Вредноста на овој парк е 38.5 милиони денари – истиот официјално беше пуштен во употреба пред неколку денови од страна на градоначалникот на Општина Карпош Стевче Јакимовски и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Извор: ТВ 24
