ДЕВЕТТЕМИНА ОД УСТАВЕН: Кога нема помош нарачај си одлука!
Деветтемина од Уставен суд утре повторно ќе се најдат во жариштето на политичката криза. Од нив зависи дали ќе им се продолжи мандатот на градоначалниците до одржувањето на следните избори. Оваа точка е на дневен ред на седницата закажана за в среда, а иницијативите ги поднесоа министрите за правда и локална самоуправа од ДУИ, Валдет Џафери и Ширет Елези, а втората е од претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.
Според Член 35 од Законот за локална самоуправа, членовите на советот се избираат за време од четири години, а членот 49 го уредува мандатот на градоначалникот кој се избира секоја четврта година.
Подносителите на иницијативите бараат укинување на овие два члена, бидејќи мандатот на функционерите од локалната самоуправа завршува на 14 мај. Локалните избори требаше да се одржат во првата половина на мај, но тоа е невозможно поради политичката криза и блокадата на Собранието, а со тоа изминаа сите уставни и законски рокови за нивно распишување.
Претседателот на СМК, Тодор Петров, вели дека на ваков чекор се решиле „во интерес на граѓаните“, неговата иницијатива предвидува мандатите на функционерите во општините да се продолжат до крајот на оваа година, до кога би требало да се организираат локалните избори.
Од Министерството за локална самоуправа велат дека со овие измени би се спречил правен вакуум во интерес на граѓаните и затоа бараат толкување од Уставниот суд.
Скандал е ако Уставен одлучува
Според правните експерти, Уставниот суд не смее да ја прифати оваа иницијатива, а камоли да расправа за мандатот на градоначалниците. Само Собранието може да усвои измени на Законот за локална самоуправа и да го продолжи четиригодишниот мандат на градоначалниците.
Академикот Владо Kамбовски изјави дека уставните судии ќе одат во затвор ако го продолжат мандатот на градоначалниците.
„Оние уставни судии кои ќе гласаат за укинување на двата члена од Законот за локална самоуправа кои пропишуваат дека мандатот на градоначалниците трае четири години, прават кривично дело, злоупотреба на службената положба и овластувањата. Во Кривичниот законик на Република Македонија за ова дело е предвидена казна затвор“, рече Камбовски.
За професорот по управно право, Борче Давитковски, скандалозно е Уставниот суд да одлучува за продолжување на мандатот на локалната самоуправа.
„Сите одлуки околу разрешување на ова прашање се во рацете на Собранието, кое е комплетно блокирано. Министерствата за правда и за локална самоуправа, заедно со ЗЕЛС се договориле со мислење, толкување до кога трае мандатот на локалната самоуправа. Како може министерство да толкува закони, кога е извршен орган? Значи со едно мислење го продолжуваат мандатот. Тоа е незаконски.“, смета Давитковски.
Кога ќе се одржувањето локалните избори е неизвесно. ВМРО-ДПМНЕ бара што поскоро да се одржат предвремени парламентарни избори заедно со локалните, а СДСМ е против одржување на парламентарни избори. За локалните избори од оваа партија не лицитираат со датуми.
Кога Уставот не е „Библија“
Дали Уставниот суд ќе навлезе во „туѓи“ води, ќе биде познато утре. Сепак досегашната пракса покажала дека на дел од судиите наместо „Библија“ да им е Уставот, тие носат политички одлуки. На чело на судот од лани во ноември е судијата Никола Ивановски кој беше избран со двотретинско мнозинство од судиите во Уставен.
Ивановски лани беше судија известител по иницијативата за оценка на уставноста и на законитоста на измените на Законот за помилување од 2009 година, со кои на претседателот на државата му се забранува да помилува лица осудени за изборни нерегуларности, педофилија, трговија со дрога и дела против човештвото. Предлогот за одлучување по иницијативата, судијата Ивановски експресно го стави на дневен ред на седница на Уставниот суд. Судиите со мнозинство гласови, лани во март, ги укинаа измените на Законот и му овозможија на претседателот на државата да помилува лица за изборни нерегуларности.
Укинувањето на овие членови од Законот беа увертира во одлуката на претседателот Ѓорге Иванов од 12 април годинава, за помилување на 56 политичари и нивни соработници.
Уставен одреден период беше „ставен во нафталин“, а сега повторно го проветруваат за утрешната седница. Но главната и клучна улога Судот се уште ја нема одиграно. Од одлуката на деветтемина судии можно е да зависи судбината на Специјалното јавно обвинителство, чиј мандат истекува за еден месец.
Ј.М.
