ДЕТЕ ВО ВЕЛЕС ЗАВРШИ СО СКРШЕНИЦА НА ЧЕРЕПОТ ОТКАКО ГО НАПАДНАЛ СОУЧЕНИК: Ќе има ли одговорност за настанот?
Ученик деновиве за малку не убил свој соученик во Велес. Настанот ја потресе јавноста.
Сериозен инцидент ја згрози јавноста откако седмоодделенец во основното училиште „Блаже Конески“ физички нападнал свој соученик, кој завршил со скршеница на черепот. Иако инцидентот е пријавен во полиција и обвинителството, малолетникот напаѓач нема да сноси кривична одговорност поради возраста – дванаесет години.
Обвинителството во Велес потврди дека е информирано веднаш по настанот. Се собира медицинска документација, но поради тоа што напаѓачот е под 14 години, во согласност со македонските закони, тој не е кривично одговорен. Мерките ќе ги одреди Центарот за социјални работи.
„Случајот е документиран, а понатамошните чекори ќе бидат преземени од социјалните служби“, изјавија од Обвинителството.
Жртвата, која по падот на подот се здобила со скршеница на черепот, е хоспитализирана на Клиниката за неврохирургија во Скопје. Детето е во стабилна состојба и нема потреба од операција, но ќе остане под надзор.
Инцидентот се случил на 20 ноември на мал одмор. Според изјавите на родители, децата се скарале, по што едниот ученик почнал да го дави другиот, кој изгубил свест и паднал, удирајќи ја главата.
Училишната директорка Маја Коруновска потврди дека се преземени мерки, вклучувајќи разговори со учениците, родителите и социјалните служби.
Народниот правобранител алармира дека врсничкото насилство во училиштата се зголемува. Васка Бајрамовска-Мустафа изјави дека најчести жртви се ранливите категории деца – поповлечени, деца со попреченост или од посиромашни семејства.
Претходно, во училиште во скопската населба Ѓорче Петров, ученици се обиделе со шише да силуваат друг ученик. Врсничкото насилство е честа појава. Граѓаните сметаат дека државата треба да биде построга при казнувањето на врсничкото насилство.