Дете од Македонија го освои врвот Стефани на Олимп
Планинарот Ване Бошев кој има само 11 години го искачи врвот Стефани, на планината Олимп во Грција, висок 2.911 метри надморска височина. За овој негов подвиг денеска информираше неговиот татко Орданче, кој исто така е планинар.
Бошев со ова го завршил искачувањето на сите пет врва од планината Олимп.
Тој соопшти дека со ова, неговиот син, кој зема државна стипендија како млад и надежен планинар, ја исполнил програмата за оваа година, искачувајќи 30 планински врвови.
„Минатата година два пати ги искачи врвовите Скала, Митикас, Сколио и Илијас. За многумина токму Стефани е најтешкиот врв за искачување на Балканот“- рече Орданче Бошев.
Детето планинари од неполни три години, и досега се има искачено на голем број планински врвови во земјава и странство, за што има добиено и многу признанија.
