(ВИДЕО И ФОТО) ДЕТАЛИ ЗА ДРОГАТА: Приведени се шестмина, меѓу кои и А.У. од Скопје, запленети се 200 килограми марихуана
Надлежните органи на прогонот, МВР и Обвинителството, излегоа со детали за вчерашната акција за фатената марихуана од 200.000 килограми, вредна над 800.000 евра.

Јавноста за оваа акија беше информирана преку соопштение, а до медиумите беа испратени и видеа со изјава од еден од портпаролите на МВР, видео од фатената дрога, како и фотографии.
МВР соопшти дека денеска ОВР Кавадарци до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава за организирана криминална група, и тоа против Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје, поради постоење основи на сомневање дека го сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 од Кривичниот законик.
Погледнете го видеото со фатената дрога кое го испрати МВР.
Имено, Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, во соработка со Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со поддршка на Американската служба за борба против дрога - ДЕА спроведоа повеќемесечна истрага, во координација и по насоки на Јавен обвинител од ОЈОГОКК, а во текот на вчерашниот ден беше реализирана заеднички координирана акција, при што на патниот правец Прилеп – Росоман, во близина на с.Раец биле запрени патничко возило „ауди А8“, со скопски регистарски ознаки, во кое биле пријавените К.С. и М.З.. Веднаш потоа е запрено патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистраски ознаки, управувано од А.У, каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило „комбе“, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога. Лицата се лишени од слобода и од извршеното вештачење на пронајдената дрога е утврдено дека станува збор за марихуана во вкупна количина од околу 200 килограми.
Во Прилеп, во исто време, е лишен од слобода и М.С., кој управувал товарно возило „ивеко“, со битолски регистарски ознаки, додека во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил лишен и организаторот на криминалната група Д.Ј., кој управувал патничко возило „опел астра“, со скопски регистарски ознаки.


Сите шест лица се лишени од слобода и денеска ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд, а продолжува интензивна истрага со цел идентификување на други инволвирани лица во неовластена набавка, држење, пренесување и продажба на наркотична дрога. Министерството за внатрешни работи продолжува со бескомпромисната борба со криминалот!

Се огласи и Јавното обвинителство.
Оттаму велат дека по повеќемесечна постапка координирана и по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделот за криминалистичка полиција во соработка со Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со асистенција на Американската служба за борба против дрога – ДЕА и Основното јавно обвинителство – Кавадарци во текот на вчерашниот ден спроведоа акција.
Постапувајќи по кривичната пријава, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица. Лицата се осомничени дека сториле кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 од Кривичниот законик.
Осомничените, како повеќе лица неовластено заради продажба, набавиле, држеле и пренесувале наркотична дрога марихуана со вкупна тежина од 199, 444 килограми. На почетокот на овој месец првоосомничениот струмичанец (34), откако пронашол потенцијални купувачи на наркотичната дрога марихуана, договорил неовластена набавка на дрогата со второосомничениот скопјанец (45) кој дрогата ја држел на засега неутврдена локација. Тој ги ангажирал останатите осомничени и тоа 36 годишниот битолчанец неовластено ја пренесе дрогата од неутврдената локација до паркинг простор во с.Радобил, прилепско, а останатите осомничени – 24 годишен скопјанец, 46 годишен прилепчанец и 24 годишен кумановец со возила што тие ги управувале да го придружуваат движењето на возилото со кое се вршело пренесување на наркотичната дрога – марихуана.
Купопродажбата на наркотична дрога – марихуана во количина од 200 килограми за засега неутврдена сума на парични средства, била договорена со НН лице од Р.Грција и требало да се реализира во текот на вчерашниот ден на паркинг просторот во с.Радобил. Прво осомничениот откако со второ осомничениот ги договориле деталите на примопредавањето на дрогата и улогите на останатите осомничени се упатил кон Гевгелија. Наркотичната дрога спакувана во 40 картонски кутии била префрлена од ТМВ марка Ивеко со македонски национални регистарски ознаки во ТМВ комбе Цитроен Џампер со грчки национални регистарски ознаки, а осомничените се упатиле во различни правци. Осомничениот кој го управувал ТМВ марка Ивеко се упатил кон Прилеп, додека останатите осомничени со три патнички моторни возила и ТМВ во кое била дрогата движејќи се во колона еден зад друг се упатиле на магистралниот пат Прилеп-Градско во правец кон Градско. Кога пристигнале на клучката за с.Раец биле запрени од страна на полициски службеници на МВР и по извршениот претрес, лишени од слобода. Во исто време во Прилеп е лишен од слобода осомничениот што го управувал ТМВ марка Ивеко, а во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил лишен и првоосомничениот – организатор на криминалната група.
Во текот на вчерашниот ден по наредба на јавен обвинител и добиена наредба од Судија на претходна постапка во соработка со Комисијата за оценување на исполнетост на условите и контрола за производство на медицински канабис при Министерството за здравство, во текот на ноќта е извршена контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола.
Денеска осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ценејќи дека се исполнети условите, ќе му предложи на судот на осомничените да им биде изречена мерка притвор. Обвинителството и МВР продолжуваат со интензивна работа во насока на расчистување на случајот.
