ДЕСПОТОВСКИ: Ваков модел на договори како со Митилинеос се пракса во ЕУ
Финансиската поддршка за реализација на стратешката инвестиција на Митилинеос е целосно во согласност со регулативата на ЕУ и на Македонија, истакнува директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
„Договорот за закуп на капацитет за производство на струја по ниту еден основ не може да се смета за државна помош. Државна помош е кога државата дава добро или услуга на приватен субјект по цени што се пониски од пазарните. Кај проектот на Митилинеос имаме целосно обратна ситуација. Државата преку ЕСМ добива електрична и топлинска енергија по цени кои се пониски од пазарната. И не може за струја што ја купуваме во странство да зборуваме дека е поевтина од домашната. Само заради трошокот за да стигне до Македонија преку трети земји увезената струја станува барем 10 – 15 oтсто поскапа. Тоа се милиони евра што сега годишно завршуваат во буџети на други држави, наместо да останат кај нас“, вели Деспотовски.
Директорот на ТИРЗ потенцира дека парите што стратешкиот инвеститор Митилинеос ќе ги добие од државата, а тоа се 17 oтсто од вкупната инвестиција или околу 50 милиони евра во државниот Буџет ќе се влеат најмалку 120 – 150 милиони евра само по основ на данок на добивка.
„Значи, за секое вложено евро, државата односно граѓаните ќе добијат 2,5 до 3 евра назад. Згора на се, позитивните ефекти за граѓаните и економијата од заштедите на трошоци за ЦО2 квотите, а посебно придонесот за намалување на загадувањето на воздухот, посебно во Скопје се огромни. Сакам да потсетам дека и за доделувањето на овој договор за државна помош, чија подготовка ќе следи по усвојување на законот за страшка инветиција во Собрание, ќе побараме не само согласност од Комисијата за заштита на конкуренцијата, што е предвидено со нашата регулатива, туку и од Енергетската заедница во Виена. Целосно сме отворени за секоја дилема, сите предлози и сугестии“, рече тој.
Ваков модел на договори вели дека се современа пракса во ЕУ и навистина не гледа причина зошто Македонија да не ги искористи во обезбедување на сопствената енергетска независност.
