Дескоски: Не е проблем изборниот модел, туку Статутот на УКИМ
Професорот Тони Дескоски реагира на јавните критики околу изборот на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), посочувајќи дека суштината на проблемот не лежи во изборниот модел, туку во Статутот на Универзитетот.
Тој нагласува дека во изминатиот период се појавиле бројни коментари кои го проблематизираат начинот на избор на ректор, но, како што вели, тие ја промашуваат суштината.
– „Кога ќе се прочитаат критиките, станува јасно дека не се однесуваат на изборниот модел дефиниран во Законот за високото образование, туку на тоа што факултетите и научните институти имаат еднаков број гласови“, посочува Дескоски.
Според него, ова решение не е дел од законската рамка, туку произлегува од Статутот на УКИМ, кој го носи Сенатот на Универзитетот.
– „Тоа не е предвидено во Законот, туку во Статутот на УКИМ, кој е донесен од Сенатот“, вели тој.
Дескоски потсетува дека актуелниот Статут е усвоен во 2019 година, во време кога ректор бил професорот Никола Јанкуловски, кој воедно претседавал со Сенатот.
– „Еден од темелите на неговото владеење беше изедначувањето на научните институти со факултетите“, додава професорот.
Тој укажува и дека според истиот Статут веќе се одржани два изборни циклуса за ректор – во 2020 и 2023 година – без тогаш да има јавни реакции.
– „Тогаш денешните критичари не го кренаа гласот“, нагласува Дескоски.
Во заклучок, професорот порачува дека дебатата треба да се насочи кон вистинското прашање.
– „Не е до изборниот модел, до Статутот на УКИМ е – и до оние што го предложија и го донесоа“, истакнува Дескоски.
