Дескоска: Ученичките да ги развиеме во нови лидерки во општеството
Министерката за образование Рената Дескоска на наставниците во земјата им го честиташе Меѓународниот ден на жената.
„Денеска го одбележуваме Меѓународниот ден на жената, ден кој нé потсетува на борбата на жената за нејзината рамноправна улога во општеството, жртвата и борбата за политичка, економска и социјална рамноправност помеѓу жените и мажите.
За да изградиме општество еднакво за сите, потребно е секој ден да се бориме за унапредување на родовата еднаквост и кршењето на традиционалните родови улоги.
Во таа борба, образованието е клучната алатка за промовирање целосна рамноправност помеѓу жените и мажите и за искоренувањето на стереотипите. На секој Ваш час, при секој контакт со учениците имајте на ум дека Вие имате голема улога во формирањето и обликувањето на ставовите кај младите, ставови кои подоцна стануваат дел од нив како возрасни.
Наша заедничка одговорност е да ги пренесуваме заложбите за еднаквост и недискриминација низ секоја наставна содржина. Ве повикувам активно да придонесувате за градење систем кој ќе ги поддржува ученичките во нивното развивање како нови лидерки во општеството. Нека е честит 8-ми Март!“ стои во пораката на Дескоска.
