Дескоска на средби со пратениците од помалите партии, се собира двотретинско мнозинство во Собранието
Министерката за правда Рената Дескоска денеска ќе одржи средби со помалите пратенички групи околу законот за јавното обвинителство, кој првенствено власта сака да биде изгласан до распуштањето на Собранието на 12 февруари.
Од пратениците од помалите партии ќе се слушнат конечните забелешки за законот.кој доколку се изгласа ќе значи формирање на ново Јавно обвинителство за организиран криминал и висока корупција.
Преговорите на министерката со помалите пратенички групи се всушност обид да се обезбедат 80 пратеници, односно потребното двотретинско мнозинство без ВМРО-ДПМНЕ за законот да биде донесен пред парламентарните избори.
Дополнително треба да се договори и средба на работните групи на власта и опозицијата во поширок состав, во обид да се усогласи верзија на предлог-закон, која подоцна ќе се поднесе во Собранието.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од своите барања за законот за ЈО и повика да се внесат како амандмани сите забелешки и предлози од експертите кои дебатираа минатата недела во Собранието, на што министерката Дескоска одговори дека тоа правно-технички не е возможно.
– Не постои никаква шанса да отстапиме од нашите барања во однос на законот за јавно обвинителство, порача вчера Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, додека Дескоска ја повикуваше партијата да ги достави своите амандмани.
