Дескоска: Имаше технички грешки кои ги исправивме
Министерката за правда, Рената Дескоска на прес-конференција во Собранието појасни дека вчера на владина седница поминале Законот за ЈО и Законот за Совет на јавни обвинители.
За текстот на Законот за ЈО имало забелешка од министерката за финансии, Нина Ангеловска, за сумата која ќе се одвојува за обвинителството и од Секретаријатот за законодавство, дека ќе има правна дупка, па со тие измени, владата го усвоила предлог текстот со два гласа против, од членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„За Законот за Совет на јавни обвинители имаше повеќе барања од неколку министри. Дел беа прифатени, дел не беа прифатени. Со оглед на тоа што во новиот Закон за ЈО има специфична процедура за избор на обвинител за организиран криминал и корупција, се побара и да се стави правило за избор на обвинтиелите, внатре во организиран криминал со бадентерово мнозинство и тоа беше прифатено вчера. За ова што го зборувам има и стенограми и сведоци. Текстовите кога се средувале од стручните служби се направени технички грешки и кога согледавме дека има проблем, беше испратен допис во текот на денешниот ден, кој бил примен околу 16 часот во Собранието. По 16 часот не се правени координации меѓу претседателот на Собранието, јас, претседателот Заев и слично“, појасни Дескоска.
Таа вели дека ВМРО-ДПМНЕ била во паника, па затоа и нејзините пратеници правеле се да се одложи седницата и да не се одржи истата, а со цел да не се донесе Законот за Јавно обвинителство.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија за „тајни средби“ и фалсификат.
