ДЕСЕТ ГОДИНИ ОД НАПАДОТ ВО ДИВО НАСЕЉЕ: Куманово им оддава почит на загинатите полицајци
Се навршија 10 години од крвавите настани во кумановско Диво насеље, каде упадна терористичка група од Косово.
Куманово денеска им оддаде почит на загинатите припадници на безбедносните сили кои на 9 мај 2015 година загинаа во антитерористичката акција во Диво Насеље. Во црквата „Свети Никола“ имаше панихида.
„Во чест на десетгодишнината од трагичниот настан на 9 и 10 мај, со длабока почит се сеќаваме на осумтемина припадници на безбедносните сили кои храбро ги положија своите животи. Нивната жртва, постхумно одликувана со медали за храброст, останува вечен симбол на непоколеблива посветеност и несебично служење“, напиша на Фејсбук, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Тој посочува дека годишнината носи силна порака достоинствено сеќавање, оддавање заслужена почит но и работа кон иднина ослободена од такви трагедии – иднина на мир, стабилност и заедништво.
Во нападот загинаа 8 полицајци, но и 10 членови на терористичката група. Два дена имаше пукотници во Куманово.
Загинаа Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст. Во пресрелката имаше и 37 повредени припадници на безбедносните сили.
Во чест на загинатите во кругот на СВР Куманово има и спомен-плоча.
Дел од учесниците во нападот, добија доживотен затвор, а другите се осудени на затворски казни по 40 години, 20, 12 години затвор.
