Десет дена венееше пред нив, докторите го поминуваа: Сопругата на починатиот музичар Атанасовски очајно и искрено
Битолскиот музичар Ице Атанасовски почина на 43 години завчера, а по неговата смрт негови колеги и пријатели се простуваат. Замина прерано и неговата смрт не остава никого рамнодушен. Дополнително многу непознати има околу околностите за смртта кои ги потенцираат неговите најблиски. Сопругата Гордана Атанасовска вели дека Ице не починал од корона туку од системската корона која владее, како што вели, во проклетијава. Таа обвинува за несовесност на личности во битолската болница за кои тврди дека десет дена не го лекувале соодветно односно му давале само клексан, додека потоа откриле дека не му работи срцето. Тој порано бил заболен од коронавирусот но сега бил негативен.
„Десет дена некој да венее пред нивните очи, а тие да поминуваат покрај него, без да се запрашаат, ама чекај, може е нешто плус. За по 10 дена кога веќе беше пред умирање да го пуштат Скопје и тоа БЕЗ да го најават како итен случај. Не им ги знам имињата, и не вреди да именувам, тоа се вика системски пропуст, негрижа, нечовечност, затоа што во тие денови поминале 10 доктори на визита.. Тоа е она што фали, човечноста и совеста, и она што мојот статус нема ни да го смени за жал. Секоја чест на докторите од Кардиохирургија Скопје кои веднаш извршија оперативен зафат на срцето, дадоа се’ од себе еден месец, ама не издржа. Доминантно станува збор за микотична сепса и септичен шок. И да, денес од земјава нема еден неверојатен човек и талент заради короната, ама не онаа од која мислите. И не е прв, а нема ни да биде последен дури сите молчиме.. Жалам од дното на душата за сите жртви на оваа проклета СИСТЕМСКА НЕспособност што не е партиска, туку е НЕ човечка. Почивај во мир голем човеку. Тоа што го помина ти да не се повтори на никој, вели Гордана Атанасовска.
Атанасовски е роден на 18 ноември 1978 година во Битола и до пред некоја година беше член на групата „Модус“.
Неговиот брат е исто така револтиран.
„Не можеа да му направат обично снимање на срцето 10 дена, ниту нешто што би му помогнало. Само лежеше, едвај и да влегуваа во соба. За на крајот да го снимаат конечно, да ни кажат мора да оди итно Скопје, ама не се знае дали патот ќе го преживее…Па зошто тогаш не се јавија кај колегите Скопје да кажат каков пациент иди? Не ни дадоа ништо, ни што примал, ни како примал, докторите Скопје мораа да почнат од почеток се пред да го оперираат. Каде им е душата и човечноста?? Брат ми издржа 5 операции на срце, ама штетата што беше направена Битола му го уништи организмот за да не може да закрепне од операциите. И сега?? И пак никој нема да одговара што него го снема на 43 години, напиша Борче Атанасовски.
