Дерковски: Зошто 11 избори по ред иста фирма го добивала тендерот за прикажување резултати?
Оливер Дерковски, претседателот на Државната изборна комисија, како гостин во емисијата „Што не е јасно“ на ТВ Алфа ја наметна тезата институциите да истражат како 11 изборни циклуси по ред тендерот за софтверско решение за прикажување на резултатите го добивала иста фирма и тоа преку т.н. договор во „четири очи“, по реакциите дека на ист ваков начин за кус период пред изборите на 15 јули била избрана „Дуна“. Сепак Дерковски заборави да каже дека за време на претходниот оператор немало уривање на официјалната страница на ДИК и менито кое ги прикажува резултатите онлајн, за разлика од последните избори пред три дена.
Во меѓувреме и натаму не стивнуваат реакциите за падот на софтверскиот систем веднаш по завршувањето на гласањето во средата, кој годинава за првпат го изработи компанијата „Дуна“ а не како што беше досега „iVote“. Како што објаснува Дерковски, договорот со „Дуна“ не бил постигнат така брзо и едноставно како што се прикажува во јавноста, туку постапката течела преку целата година.
„Постапката за набавка на софтверско решение почна некаде на средината на април месец. Траеше до 18 јуни. Првиот пат постапката, кога се распиша тендер, одеше со класична набавка каде што се пријавија две фирми, Дуна и iVote кои учествуваа на јавната набавка и на јавното наддавање со спуштање на цената. На таа набавка цената се спушти, некаде мислам дека Дуна имаше 890 000 денари а iVote ја спушти цената од почетните 4 800 000 денари на 1 190 000 денари. После тоа имаше жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки која ја прифати жалбата на фирмата со повисока цена, бидејќи првата фирма не закачила на сајтот изјава за сериозност. Но Државната комисија за жалби по јавни набавки ни укажа и дека во тендерската спецификација која ја изработила комисијата за јавни набавки во ДИК премногу се фаворизира една фирма, односно практично насликала една фирма. А фирма која 11 циклуси наназад беше носител на тој договор беше iVote и тоа без јавна набавка“, рече Дерковски во студиото.
Потоа на барање на Комисијата за жалби по јавни набавки биле спуштени критериумите и повторно се повикани двете компании, така што едната компанија дала понуда од 900 000 денари, а другата од 3 800 000 денари. Овој пат повторно следуваа жалба, која била отфрлена од Државната комисија за жалби по јавни набавки.
