Дерковски: Над 38.000 лични карти се неподигнати
Оливер Дерковски, претседателот на Државната изборна комисија, рече дека утре ќе биде објавен Избирачкиот список за парламентарните избори на 12 април и дека на истиот ќе има 1.817.028 избирачи.
Сепак, првиот човек на ДИК алармираше дека во подрачните одделенија на МВР има огромен број на изработени лични карти, кои не се подигнати, и тие лица нема да може да гласаат.
- Бројката е сериозна. Над 38.000 лица немаат подигнато лични карти, а тие им се изработени. Нема да можат да гласаат доколку не ги подигнат. Со личните карти немаат проблем во МВР, засилен им е административниот капацитет. Не ги подигнуваат, моментот на подигнување е запишувањето во избирачкиот список, рече Дерковски.
Една од новините според новото законско решение е и тоа што на денот на изборите ќе може да гласаат и оние лица кои на тој датум навршуваат 18 години.
- Ќе има посебен список и за сите граѓани кои на истиот ден ќе наполнат 18 години, наведе Дерковски.
Тој најави дека од утре започнува собирањето на потписи за независни кандидатски листи, а за прв пат тоа ќе може да се направи и на нотар. Собирањето наместо 15 дена како до сега, ќе трае 10 дена.
- Од утрешниот ден започнува собирање на потписи. Најмалку 1.000 потписи се потребни за своја кандидатска листа. Освен пред ДИК, може да се собираат и пред овластени нотари пријавени во ДИК. Но за тоа трошоците ќе си ги поднесат самите собирачи, тврди претседателот на комисијата.
За крај рече дека се прават напори на денот на изборите да може да се гласа во старските домови. Станува збор за околу 2.500 лица.