ДЕПОНИЈА: Дали парите за струшкиот смет завршија во канта?
Општина Струга за три години на една иста фирма платила сума од нешто повеќе од 220 илјади евра за одржување на депонија. Тендерите три години по ред ги добила струшката фирма Д&Б Груп. Во склучените договори е наведено дека се склучени за одржување на депонија за отпад.
Но, и покрај ова, жителите на Струга постојано се соочуваат со проблеми со дивата депонија, која често беше запалена а Струга се гушеше во чад, при што, иако во надлежност на општината, сепак пред само неколку недели, проблемот го решава централната власт.
Според официјалните договори, општина Струга во 2014, 2015 и 2016 година, склучила договори за одржување на депонија. Сите договори се склучени со фирмата Д&Б Груп од Струга.
Договорот склучен во 2014 година е на сума од 65 илјади евра, во 2015 година бил склучен договор во износ од околу 59 илјади евра а последниот договор од минатата годиина бил на сума од 98 илјади евра.
При тоа, во 2014 година, во трка за тендерот имало два фирми но победила Д&Б Груп од Струга, додека пак во следните две години на тендерот се јавувала само една фирма, односно Д&Б Груп со која и се склучени договорите.
Договорот од лани е веќе истечен а нема информација дали општина Струга, склучила нов договор за оваа намена.
