Денко Малески: Не ме контактирала ниту една партија за шеф на државата
Професорот Денко Малески денеска за „Фактор“ изјави дека нема намера на никому да се нуди како кандидат за претседател на Македонија на изборите во мај и очекува партиите први да го контактираат.
-Јас го слушам само она што го даваат на телевизија и ништо повеќе. Иницијативата, според мене, треба да дојде од самите партии, бидејќи тие се предлагачи и даваат поддршка. Засега фазата на разговори не е дојдена и никој не контактирал со мене, а за тоа јас навреме ќе информирам - вели Малески за „Фактор“.
Малески покажа дека има амбиции да биде шеф на државата со негативната реакција и критиката на последната телевизиска анкета на која не беше ставено неговото име како предлог за гласање на која доминираа политичари.
Синоќа вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи потврди дека Малески има поддршка од ДУИ за консензуален кандидат, а истото претходно го порача и лидерот на партијата Али Ахмети. Малески во последната негова колумна напиша дека е почестен од тоа што партија која главно ги застапува Албанците за прв пат предложува Македонец за претседател на Македонија.
„Партиите, па и општеството во целина, треба да соберат сила и да ја прекинат праксата на избор на претседател кој го дели општеството, за да можеме, обединети, да се посветиме на остварување на нашите стратешки цели, меѓу кои спаѓаат и демократските реформи. Така, имено, ја разбирам идејата за консензуален претседателски кандидат. Се разбира, и за такви промени е потребен навремен консензус помеѓу власта и опозицијата, а не правилата на игра да се менуваат во последен момент од страна на оние на кои тоа им одговара“, напиша во колумната.
Засега не сака да прогнозира дали е остварлив цензусот од 40 отсто на претседателските избори, кој редовно едвај се достигнува, а за тоа да се промени се потребни уставни измени. Талат Џафери, собранискиот спикер, веќе најави дека во игра е идејата претседател на земјата да се избира и во самиот законодавен дом.
А.К.
