Денеска започнува попишувањето на дијаспората, војниците и затворениците
Апостол Симовски, директорот на Државниот завод за статистика, рече дека интернет апликацијата е достапна исклучиво од странство и дека нејзиното користење е едноставно.
„Процесот на самопопишување ќе се спроведува преку веб-апликација која е многу едноставна и кориснички ориентирана, лесно достапна, што значи дека секој државјанин на Република Северна Македонија во странство ќе може лесно да ја пополни за многу кусо време, а единствениот услов е да се најави со својата е-маил адреса. Апликацијата е наменета исклучиво за самопопишување од странство, што значи пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен“,вели Симовски.
За премиерот Зоран Заев пописот е најважната и најголемата статистичка операција со која ќе се обезбедат податоци кои ја даваат основата за креирање ефикасни јавни политики кои водат кон искоренување на сите форми на сиромаштија, нееднаквост, зачувување на животната средина, обезбедување на просперитет и мир.
Првиот вицепремиер Артан Груби преку Фејсбук ги повика иселениците да се мобилизираат и да се самопопишат во што поголем број. Тој даде инструкции како да се самопопишат, и да ја споделат информацијата со своите семејства.
„Ве молам за максимална свест и мобилизација. Споделете и известете го семејството“, пишува Груби.
Од опозицијата остануваат на ставот дека пописот е нелегитимен, односно дека во време на пандемија и без вакцини, власта на мускули турка попис и го загрозува здравјето на граѓаните. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека имаат собрано до сега околу 100.000 потписи против извршување на пописот.
