Денеска средба на Мицкоски со Ахмети, па со Заев во Влада
Разговорите за техничката влада започнуваат денес во 16 часот со средба во Собранието на Македонија меѓу претседателите на ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ - Христијан Мицкоски и Али Ахмети.
Веднаш потоа премиерот Зоран Заев ќе оствари средба со Мицкоски во Владата, а ќе се договараат околу кадровските решенија за техничката влада. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека состанокот е за формирањето на техничката влада и дека е законска обврска. Од ДУИ велат дека Ахмети освен за техничката влада нема да отвори друга тема со Мицкоски. И средбата помеѓу премиерот и опозицискиот лидер во 17 часот е за консултации за техничката влада.
Заев изјави вчера дека неговата оставка е подготвена и чека само на потпис. Тој вчера изрази задоволство од најавите дека парламентот до Нова година ќе ги донесе сите закони кои стапуваат на сила од 1 јануари. Нагласи дека ако пратениците си стојат на зборот нема да има потреба од одложување на изборите. За денешната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека таа е на барање на Мицкоски, бидејќи тоа е согласно со Законот за Влада.
СДСМ синоќа ги објави своите кадровски решенија за техничката влада, додека ВМРО-ДПМНЕ допрва треба да ги открие имињата кои треба да ги завземат министерските позиции во преодното владеење пред парламентарните избори.