Денеска Собранието му го одзима имунитетот на Вељаноски?
Основниот суд денеска ќе побара од Собранието да му се одземе пратеничкиот имунитет на поранешниот спикер Трајко Вељаноски, по синоќешниот распит во Јавното обвинитество. Единствено само Вељаноски беше привремено ослободен како осомничен за упадот во Собранието на 27 април, додека поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски добија 30-дневен притвор поради можност за бегство и влијание на сведоци откако беше обелоденето дека преку еден центар го координирале „крвавиот четврток“.
Вељаноски е единствениот кој можеше да се повика на пратенички имунитет, но истиот може да му биде одземен уште денеска со апсолутно мнозинство на гласови од страна на пратениците со што би завршил во притвор.
Овој пратенички состав веќе му го одзеде пратеничкиот имунитет на поранешниот премиер Никола Груевски, како и на Крсто Муковски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска.
Вељаноски вчера едвај проговори пред новинарите и рече дека по дифолт му следува пратенички имунитет и како претседател на Собранието по 10 години служба не би му текнало да организира напад на истото.
