Денеска пола Скопје во Зоолошка, секој сака да ги види новите жители
Денеска се очекува масовна посета на скопскиот ЗОО-парк, а повод за тоа е хепенингот по повод новите жители - двете слоници, од кои едната африканска и другата индијска, инаку припаднички на најкрупните земјени цицачи што во моментов ја газат земјата.
Поради огромниот интерес и поради тоа што слон во Скопје нема веќе 26 години, постои огромен интерес, па домаќините најавија отворање на трета каса денеска, бидејќи се очекуваат турканици и долги колони за влез. Во прилог на тоа оди и големиот број на посетители на денот кога беше изложена малата жирафа Орка пред шест години. Претходно скопската Зоолошка градина немаше жирафа 40 години.
Слоганот „За европска Зоолошка“ кој се појави во јавност со најавеното пристигнување на слоновите=женки ја збуни дел од јавноста и го поврзаа со утрешниот референдум и повикот „Излези за европска Македонија“. Се испостави дека мотото е инспирирано од членувањето во ЕАЗА ( Европска асоцијација на Зоолошки и аквариуми), за што мора да се исполнат строги критериуми за Зоолошката да стане член на ЕАЗА, кои што се донатори на слоновите.
Слониците Дуња и Даела вчера од Белгија пристигнаа во скопската Зоолошка градина. Заради нивно привикнување во новото живеалиште, ЗОО паркот вчера и во четвртокот не работеше. На забавата по повод доаѓањето на слониците а која ќе биде под мотото „За европска Зоолошка“ ќе настапат хорот на Златно злавејче и Пет+ бенд. Станува збор за две „пријателки“ кои од мали нозе се заедно, но морале да бидат излорани од други слонови поради асоцијалност. За слоновите е изградено грандиозно живеалиште во вредност на договор за повеќе од 350.000 евра. Договорот беше склучен пролетта 2016-та кога започнаа градежните активности.
