Економија, финансии, бизнис

Контакт

Денеска конечно започнува да функционира Собранието, ќе има избор на заменици-министри и ќе се гласа законот за образование

Денеска конечно започнува да функционира Собранието, ќе има избор на заменици-министри и ќе се гласа законот за образование

По изборот на новата Влада, денеска започнува да функционира Собранието во вистинска смисла а на дневен ред претпладне е предлог - одлука за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на 20-те комисии кои ќе работат во Законодавниот дом.

По нивниот избор, пратениците од следната седница ќе можат да усвојуваат закони и да донесуваат одлуки, по повеќе од еден месец за распределбата на комисиите. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе раководат со по осум собраниски комисии, ДУИ со три, додека Беса, Алијанса за Албанците и Алтернатива со по една.

Пратеникот Арбен Зибери од ДУИ е заболен од коронавирус и се лекува на Инфективната клиника, но би можел да присуствува доколку има негативен тест, а на дневен ред е и верификацијата на мандатот на пратеничката Емилија Рамбабова што ќе ја наследи Јагода Шахпаска која стана министер за труд и социјала и која ќе биде 62-от пратеник од мнозинството. Според тоа, извесно е дека тесното владеачко мнозинство ќе го има потребниот број од 61 пратеник.

Понатаму според агендата пред пратениците треба да се најдат измените на законите за основно и за средно образование, како и петте одлуки за прогласување на вонредна состојба од претседателот Стево Пендаровски, за чие потврдување се потребни 80 гласа. 

Од денеска или утре треба да се гласа и за замениците-министри во Владата, а вицепремиерот Артан Груби вчера на прес-конференција најави дека ДУИ ќе добие петмина од вкупно 16, како и пет државни секретари.

„ДУИ ќе има заменици министри во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за транспорт и врски, Министерството за здравство и Министерството за правда“, изјави Груби.

Тој наведе дека се планирани и замена на директорски позиции со СДСМ.


Слично

Поврзани вести