ДЕНЕС ТОШЕ ПРОЕСКИ ЌЕ СЛАВЕШЕ 45ти РОДЕНДЕН - најблиските и годинава со ангелска торта го обележаа денот
Македонската музичка легенда Тоше Проески денес, на 25 јануари, ќе славеше 45ти роденден, доколку не се случеша трагедијта кај Градишка. За жал, животот на Тоше заврши прерано, во 2007 година, но Тоше и денес живее преку своите песни, зборови и дела.
Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Крушево. Неговите родители уште во раното детство го препознале музичкиот талент и го насочиле кон уметноста. Како дете настапувал на фестивалите „Златно славејче“ и „Мелфест“, уште пред официјално да ја започне својата музичка кариера.
Професионалната музичка кариера ја започна во 1997 година на фестивалот „Мелфест“ во Прилеп, каде победи со изведба на песната „Yesterday“ од „Битлси“. Истата година настапи и на „Макфест“ со композицијата „Пушти ме“, со што го привлече вниманието на пошироката јавност. Песните „Пушти ме“ и „Остани до крај“ го означија неговиот ранен подем, а пресвртна точка во кариерата беше настапот на „Скопје фест“ во 1999 година со „Твоите бакнежи на моите бели кошули“.
Во 1999 година го објави деби-албумот „Некаде во ноќта“, по што следуваше период на интензивна продукција и бројни концерти. Во 2000 година настапи на „Скопје фест“ со песната „Солзи прават златен прстен“, а истата година го промовира и албумот „Синот Божји“, кој содржи неколку од неговите најпрепознатливи хитови.
По повод годишнината од неговото раѓање, неговата сестра Дора и годинава ја продолжи традицијата на тивко, но длабоко лично сеќавање.
Таа на социјалните мрежи сподели фотографија од роденденска торта посветена на својот брат – бела торта со елегантни златни детали, украсена со бели ангелски крилја и свеќички со бројката 45, симболичен потсетник на роденденот што Тоше денеска ќе го славеше.
Тоше Проески трагично го загуби животот на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, во Република Хрватска. Посмртно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија, а 17 октомври 2007 година беше прогласен за Ден на национална жалост.
